МДС: МНР води хајка против дипломати од кариера
Соопштението на Македонскиот дипломатски синдикат при САДУ ви го пренесуваме интегрално:
На овој наш работнички празник, во најтешката година во историјата на македонската дипломатија, ние вработените во МНР стоиме гордо, со исправена глава и чиста совест.
Обесправени, омаловажувани и шиканирани, деградирани и маргинализирани, повеќе од кога и да е, цврсто сме решени да се избориме за сите наши права, наспроти несфатливото авторитарно, неколегијално и непрофесионално однесување на малата група луѓе во улога на раководство на Министерството.
На овој Први мај го креваме нашиот глас против катастрофалната систематизација што омаловажи и оштети голем број првокласни дипломати, волунтаристичкото покренување дисциплински постапки против сите оние што не му се допаѓаат на шефот, цементирање на кариерите на младите дипломати за сметка на помал број неискажани и исфрустрирани, целосно игнорирање на економските и социјални потреби на вработените и поделбите на “наши” и “ваши” од страна на самиот врв.
Деновиве, за жал, раководството на МНР покрена уште три дисциплински постапки против наши колеги, членови на раководството на МДС. И покрај тоа што укажавме на неисполнување на основните законски и уставни предуслови за такво нешто, отворената хајка против дипломати од кариера не застанува.
Од тие причини, информираме дека МДС поднесе барање до Уставниот суд за оспорување на одредба од Етичкиот кодекс na МНР, преку која на мала врата се врши притисок и малтретирање на наши колеги.
Оваа година ќе ја запаметиме како најцрн период во нашата дипломатија, кој ќе нанесе долготрајни штети и непоправливи негативни последици на професионален план и на ниво на меѓучовечки односи во МНР.

