ЕкономијаСвет

Места каде што можете да живеете со помалку од 30.000 денари

Дванаесет дестинации под 500 евра месечно – од плажи до планини, идеални за патници, номади и пензионери

Постојат многу причини зошто луѓето се одлучуваат да заминат во странство. Некои едноставно сакаат да патуваат и да запознаваат нови култури, додека други бараат подобра и посигурна иднина. Животот во странство – без разлика дали како дигитален номад, патник или пензионер – не нуди само нови искуства и можност за запознавање со светот, туку може да биде и начин за значителни заштеди.

Иако трошоците за живот во некои земји се високи, постојат дестинации каде што животот е изненадувачки поволен. Дали знаевте дека има места каде може да се живее со помалку од 500 долари месечно (околу 428 евра)? Порталот World Wild Schooling издвоил 12 вакви дестинации кои се атрактивни, пристапни и богати со содржини:

Сончев Брег, Бугарија – популарно летувалиште со сонце, море и забава. Стан на одлична локација може да се изнајми за помалку од 150 евра месечно, често и со базен.

Варна, Бугарија – пристаништен град со песочни плажи и опуштена атмосфера во стариот дел. Трошоците за храна изнесуваат околу 270 евра месечно, а со буџет од 500 евра може да се живее солидно.

Катманду, Непал – еден од најевтините градови во светот. Едно лице може да ги покрие трошоците за кирија, сметки, храна и превоз со околу 390 евра месечно. Опкружен со Хималаите, идеален е за љубителите на планинарење и култура.

Паи, Тајланд – шармантно гратче во северен Тајланд, во долина покрај реката Паи. Изнајмување преку Airbnb е можно за помалку од 300 евра, а со готвење дома вкупните трошоци остануваат под 500 евра.

Мириса, Шри Ланка – мал крајбрежен град познат по тиркизното море и палмите. Просечните месечни трошоци се околу 430 евра.

Куско, Перу – поранешна престолнина на Инките, каде што сместувањето чини меѓу 170 и 250 евра месечно. Градот на 3.399 метри надморска височина, опкружен со Андите, нуди историја, природа и локална кујна.

Бали, Индонезија – познат по оризните полиња, вулкански пејзажи и разновидна култура. Комфорен живот за помалку од 500 долари месечно е целосно можен.

Маракеш, Мароко – средновековен град познат по пазарите и архитектурата. Сместување може да се најде за околу 250 евра месечно.

Влора, Албанија – град на брегот на Јадранското Море со ниски трошоци за живот. Со внимателно планирање, можно е да се живее со 500 евра месечно.

Саранда, Албанија – позната по плажите и поволното сместување. Станови се изнајмуваат за околу 250 евра месечно, често со вклучени сметки, а остатокот од буџетот ги покрива останатите трошоци.

Гоа, Индија – вкупните месечни трошоци изнесуваат околу 455 долари (помалку од 400 евра). Поранешна португалска колонија со мешавина од индиска и европска култура.

Лангкави, Малезија – најголемиот остров во истоимениот архипелаг, популарен меѓу дигиталните номади. Вкупните трошоци за живот се околу 420 евра месечно.

Извор: b92.net