Јовевски: Пристојната работа е повеќе од добра заработувачка
Денеска е Меѓународниот ден на пристојна работа – ден на кој акцент се става на работничките права.
Концептот на пристојна работа е нешто што е основа на делувањето на Меѓународната организација на трудот и како термин, но и како начин на работење. Се пренесува низ целиот свет, па вклучително и во Македонија, рече Лазар Јовевевски, професор по трудово право на Правниот факултет во Скопје, во Утринската на Сител.
„Инаку, по дефиниција достоинствената работа е онаа работа којашто обезбедува работни услови на вработените коишто се на линија на законските одредби, но и повеќе од тоа, коишто го заштитуваат физичкиот интегритет на вработениот кој работи според неговата стручна подготовка и плата која треба да обезбеди достоинствен живот“, вели Јовевски.
Достоинствената работа е директно поврзана со пристојните услови за работа и пред сѐ, со достоинствената живеачка.
Прашан за тоа какви стандарди се пропишуваат за да се зачува безбедноста на врабоените, Јовевски рече дека кај нас, но и во светот, кога се зборува за достоинствена работа се мисли на финансискиот дел. Тој потенцира дека безбедните и здрави услови се голем дел од концептот на достоинствена работа.
„Тоа подразбира вработениот да ги има сите услови за заштита на неговото физичко здравје, но и чекор понатаму – на неговото психичко здравје. Значи, аспектот на дискриминација, аспектот на мобинг, психолошко и сексуално вознемирување на работно место, е исклучено од концептот на достоинствена работа. Кога зборуваме за достоинствена работа тоа значи дека нема дискриминација, нема мобинг, дека има добра заработувачка, почитување на работното место и услови во кои вработеиот се чувствува благопријатно“, рече Јовевски.
Работата зазема голем дел од животот на човекот, бидејќи на работното место поминуваме повеќе осум часа дневно, а некогаш и повеќе. Кога ќе се пресмета на годишно ниво, ќе излезе дека голем дел од вработените повеќе минуваат време на работното место, отколку со семејството.
Јовевски посочи дека треба да се прави дистикнција помеѓу минимална плата во јавен и минимална плата во приватен сектор. Според него, никој во јавниот сектор не зема минимнална плата, додека во приватниот, најголем дел од оние кои ја земаат се самоврботените. Причината за тоа, како што кажа тој, е избегнувањето на плаќање на повисоки придонеси, што на долг рок е штетно за државата, но и за самите самовработени.

