„Минимална плата на час за македонските работници“
Минимална плата на час – Дали може да се определи со Закон во Македонија?
Од: Бобан Илијевски
Ова беше анкетното прашање кое порталот “Работник“ ѝ го постави на јавноста. На истото, вкупно одговорија 198 испитаници, а резулатите се следни:
- 92,4 % се изјасниле дека треба да се воведе законска плата на час
- 4,5 % истакнале дека не треба да се воведе и
- 3 % одговорите дека не знаат дали треба да се воведе.
Голем број на реакции имаше и на Фејсбук страната на „Работник“, од кои најголемиот дел од беа позитивни. Генералното мислење е дека минималната плата на час ќе овозможи поправедно исплаќање на платите.
Што велат експертите?
За Универзитетскиот професор и експерт за пазарот на труд, Димитар Николоски воведувањето на минимална плата на час е дискутабилно.

Според него, полесно и попрактично е минималната плата да се дефинира во рамките на колективните договори за секоја дејност посебно.
Универзитетскиот професор по трудово право на Правниот факултет во Скопје, Лазар Јовевски вели дека имаме законска минимална плата која се пресметува во бруто износ, во која влегуваат поранешните додатоци за храна и превоз, како и ставките за здравствено и пензиско осигурување.
Сепак, како што вели, минималната плата не ги следи реалните економски текови.
„Кај нас и работното време е фиксно, односно се смета 40- часовна работна недела, иако има многу често случаи кога работниците остануваат на работа прекувремени работни часови кои не се исплаќаат секогаш дополнително, односно законски“, вели Јовевски.
Минимална саатница, објаснува Јовевски, би можела да се воведе, преку промена на законските одредби, или преку колективните договори.

Преку овој начин на утврдување на платата, смета дека ќе се превенираат голем број на злоупотреби кои се случуваат во претходните петнаесетина години.
Дециден е и дека паралелно со ова, треба и да се засили ефективната контрола над примената. Нагласи дека тоа е стар проблем во македонската трудова реалност.
Како законската минимална плата на час би го подобрила стандардот на работници?
Професорот Николоски вели дека преку воведувањето на саатница може да се подобри стандардот. Најголем бенефит би имале привремените и сезонските работници кои немаат трајни договори со компаниите.
„При нејзиното одредување треба да се земе како репер законски утврдената месечна минимална плата. На пример, ако минималната месечна плата би била 18.000 денари, по претпоставка дека се однесува за нормално 8-часовно работно време, тогаш минималната саатница во нето износ не би смеела да биде под 110 денари, а за прекувремена работа повисока за 50%.“, вели Николоски.
И Јовевски верува дека со воведување на минимална плата на час ќе се подобри стандардот на работниците. На тој начин, вели професорот, тие би добивале реална исплата за одработените часови.
Многу е важно и колку квантитативно ќе се определи истата, напоменува Јовевски.
„Од тоа мерило ќе зависи дали ќе имаме реално зголемување на стандардот на работниците. Инаку, стандардот е многу поширока категорија и не може да се стави паралела единствено преку начинот на кој се исплаќаат работниците“, вели Јовески.
Придобивки и недостатоци на воведување минимална плата на час
Според Николоски, со воведувањето на минимална плата на час би можело полесно да се евидентира прекувремената работа и истата да се плаќа соодветно на сработените часови. Од друга страна, работодавачите би можеле да плаќаат различен минимален износ во зависност од одработените часови на работниците, вели тој.
Недостаток, нагласува Николоски, може да биде помалата сигурност на работниците во услови на криза. Во таа ситуација, работниците кои немаат договори на неопределено работно време би можеле да бидат отпуштени.
Со воведување на минимална плата на час, вели Јовевски, споредбено – правните анализи покажуваат дека се исплаќа реално работење во единица работно време.
Самото определување на висината на саатницата мора да биде синхронизирано со придобивките кои досега се остварени преку концептот на минималната плата, во спротивно, појаснува Јовевски, можно е најниската саатница да биде пониска од исплатата на минималната плата за единица работно време, односно работа.
Регулирање на минималната саатница
Најдобра опција е да се регулира преку колективните договори за секоја дејност посебно, смета професорот Николоски.
„На тој начин би се зеле предвид разликите во продуктивноста на трудот. Притоа, за полно работно време не смее да биде пониска од минималната месечна плата“, истакна Николоски.
Компаративните решенија се различни, тврди Јовевски, бидејќи тие зависат од степенот на култура на социјалниот дијалог и развиеноста на трудовите односи.
„Во македонски услови мое лично гледање е дека подобро е да се уреди со законски одредби, заради ниската култура и свест на колективно преговарање, и склучување и примена на колективните договори“, вели Јовевски.
Во многу држави во Европа, а и во светот, воспоставена е пракса на исплаќање на минимална плата на час. На пример, минималната плата на час, во 2021 година, во Луксембург изнесувала 15,27 евра, Словенија 6,40 евра и во Малта 4,53 евра.

