„Можеме да имаме европски работнички права и пред да влеземе во ЕУ“ – Колку работните односи во Македонија се усогласени со тие во ЕУ?
Колку Македонија ги исполнува условите на Европската унија во однос на работничките права и областа на трудовата легислатива, беше едно од прашањата кои ги упативме до ресорното Министерство за труд и социјална политика, но и до универзитетскиот професор Лазар Јовевски кој е експерт од областа на трудовото право.
Од Министерството, за порталот Работник изјавија дека трудовата легислатива во Македонија во голема мера е усогласена со законодавството на ЕУ. Како што велат, движењата на пазарот на труд се многу динамични и неминовно е постојано усогласување на законските решенија со овие промени, како во ЕУ, така и кај нас.
Се работи за голема област која опфаќа регулирање на односите помеѓу понудата и побарувачката на работна сила, односите помеѓу работниците и работодавачите, безбедноста и здравјето при работа, вознемирување на работното место, дискриминација при вработување и на работа и сл., велат од МТСП.
Универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски за Работник истакна дека оценката на Европската Комисија во последниот извештај за напредокот е дека земјата останува умерено подготвена во оваа област, додавајќи дека препораките дадени во претпоследниот извештај остануваат валидни бидејќи не биле целосно спроведени.

За кои препораки се работи?
Европската комисија во последниот Извештај за напредок на Македонија истакнала дека државата треба најмногу да обрне внимание на
- Спроведувањето на мерки за активирање на долгорочно невработените и неквалификувани лица, вклучувајќи жени, лица со попреченост и Роми, и да обезбеди соодветно следење и оценување на таквите мерки.
- Да ги подобри капацитетите на Државниот инспекторат за труд со цел да се решат проблемите поврзани со безбедноста при работа и да спроведе систем за следење на појавата на телесни повреди и смртни случаи на работното место; да го зајакне бипартитниот социјален дијалог помеѓу работниците и работодавачите.
- Да продолжи со обезбедување на помош за сите ранливи групи во општеството, и да го поддржи и измени системот за социјална заштита со подобри врски и во однос на мерките за активирање на вработување и во однос на социјалната инклузија.
Јовевски смета дека законодавството на ЕУ кое се однесува на трудот не е целосно транспонирано, односно пренесено во нашето законодавство.
Законодавството на ЕУ кое се однесува на трудот не е целосно транспонирано во нашето законодавство, затоа се направи обид во некој степен Законот за работни односи да биде изменет за, меѓу другото, да се усогласи со 15-16 директиви кои ја регулираат областа, како што е наведено во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА), посочи Јовевски.
Според ова, објасни тој, во добар степен нашето законодавство не е усогласено и потребно е да се работи на унапредување и воведување на европските стандарди кои го регулираат трудот, од организација на работно време, безбедност и здравје при работа, работа на определено време, скратено работно време, заштита на правата на вработените во случај на трансфер на претпријатија, погони или делови од претпријатија или погони, деташирање – односно испраќање работници за давање услуги, за информирање и консултирање работници, еднаков третман на мажите и жените, заштита на младите и сл.
Од една страна имаме време за работа бидејќи преговорите сè уште не се отпочнати, но од друга страна, ако сакаме да се европеизираме, се разбира можеме да ги имплементираме европските правила во нашето законодавство и со тоа да се приближиме до европските стандарди и просеци, вели Јовевски.
Што дополнително треба да се направи за да се усогласи македонското трудово законодавство со она на ЕУ?
Од ресорното Министерство за труд велат дека скринингот има за цел, од една страна, да ги запознае земјите кандидати со правото на Европската унија и на тој начин да ги подготви за преговорите. Од друга страна, велат, целта е да се овозможи Комисијата и земјите членки да го оценат степенот на подготвеност на земјите кандидати, да бидат информирани за нивните идни планови и да добијат прелиминарни насоки за прашањата што ќе бидат најактуелни во преговорите.
Согласно новата Методологија скринингот ќе се спроведува на кластери во кои соодветно се групирани поглавјата и најпрво се одржуваат објаснувачки состаноци на кои претставници на Комисијата детално го презентираат правото на ЕУ, а потоа билатерални состаноци каде земјата кандидат ги презентира степенот на усогласеност на националното законодавство согласно презентираните акти на ЕУ за време на овие објаснувачки состаноци, институционалните капацитети и спроведувањето на законите, велат од МТСП.

Од таму нагласија дека земјата веќе поминала низ циклусот на објаснувачки скрининг за сите поглавја во периодот од септември 2019 до декември 2020 година, вклучително и за Поглавјето 3.19 за Социјална политика и вработување (пред да се донесе новата методологија). Согласно сѐ уште неформалниот календар на ЕК, појаснија од МТСП, во периодот од 17 до 21 октомври 2022 година, ќе се спроведе процесот на ажурирање на законодавството за Кластер 3 Конкурентност и инклузивен раст, каде што спаѓа и ова поглавје.
Од 21 март до 9 јуни, рекоа од МТСП, ќе следи и билатерален скрининг кој ќе треба да даде подетална и појасна слика за состојбите во оваа област и за прашањата на кои ќе треба да се работи во следниот период.
Секако ние и сега работиме на усогласување на сето она што досега не е усогласено. Во таа смисла, текстот на новиот Закон за работните односи содржи низа измени кои значат токму усогласување со директиви или рамковни спогодби на ниво на ЕУ. Ист е случајот и со подготовката на Законот за безбедност и здравје при работа, како и Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, кој ќе биде нов, но ќе биде усогласен и со Директивата за заштита на правата на работниците во случај на несолвентност на нивниот работодавач, велат од Министерството.
Професорот Јовевски вели дека Владата како извршна власт треба да помогне и да биде активен субјект во процесот на консултирање на законските решенија преку социјалниот дијалог, кое ќе се одвива во Собранието, каде што е базичното место за одвивање на широки консултации за законските решенија, како што впрочем треба да биде кога се носи нов Закон или се прави измена на постоечки.
Усогласувањето на македонското трудово законодавство со европското, вели тој, е процес кој ќе трае, особено во поглед на тоа што и самата Унија го менува тековното законодавство согласно новите потреби.
Затоа и имаме простор за постепено доусогласување и заокружување на процесот на воведување на европското право, притоа водејќи сметка да не се избрза со законски решенија, но и да не стојат онаму каде што треба да се донесат, согласно потребите на земјата и можностите за нивно спроведување. Од друга страна треба да се напушти практиката на ставање европско знаменце на законите кои се сака да се поминат брзо, наместо тоа сметам дека праксата која треба да стане стандард е да се користи европско знаменце во исклучителни случаи кога навистина не може поинаку, а за сè останато да биде стандард процес на консултација и јавна расправа, рече Јовевски.

