Најголема невработеност кај луѓето до 55 до 59 години. Какви се нивните опции?
Бобан Илијевски
Според податоците на Агенцијата за вработување, согласно 31 мај 2021 година, гледано според возраст најголема невработеност има кај лицата од 55 до 59 година, со што структурата на невработеност оваа година се менува. Таа изнесува 19,980 лица.
Потоа исто така голема невработеност бележат и лицата на возраст од 50 до 54 години, во чија група има 16,782 невработени, а тука некаде се и оние коишто се блиску до пензија, односно на возраст од 60 и повеќе години – 16,608 невработени.
Кај помладите невработеноста, според податоците на Агенцијата за вработување е помала отколку кај повозрасните, но сепак нема некоја преголема разлика. Кај лицата на возраст од 20 до 24 години има 13,816 невработени, додека кај лицата на возраст од 25 до 29 години, невработеноста изнесува 15,024.

Разликата помеѓу младите невработени и повозрасните е голема, со оглед на тоа дека помладите многу полесно можат да дојдат до вработување. На повозрасните им е потешко да најдат работа поради недостатокот на дигитални вештини коишто се бараат во речиси сите сфери од пазарот на трудот.
За вработувањето и повозрасните луѓе, зборувавме и со Катерина Златановска – Попова, Советник за развој на кариера, во саботното интервју.
Златановска – Попова во интервјуто, на прашањето какви им се опциите за вработување на повозрасните луѓе денес, вели дека најважен е првиот чекор, а тоа е одговор на прашањето дали се бара вработување во компанија или отпочнување на сопствен бизнис.
„Од тука всушност започнува разгледувањето на опциите. Земете лист и почнете да пишувате, кои се позитивните, а кои негативните страни од двете опции и потоа за секоја разгледајте ги деталите и можностите“, вели Златановска – Попова.
Таа посочи дека ова е процес, за кој некогаш е потребно повеќе време, нагласувајќи дека некогаш е полесно и поефикасно да се ангажира кариерен советник кој ќе го води оној којшто бара работа или сака да започне кариера низ тој процес.
Подвлече дека ефектите од постигнатите резултати секако ќе ја дадат насоката во ќе може да се продолжи кариерата, без разлика на возраста.
Таа во интервјуто им даде и совет на оние повозрасни невработени коишто останаа без работа во ек на пандемијата со Ковид – 19, велејќи дека клучна е способноста и вештината на прилагодување на ситуацијата и состојбата.
„Оние кои најбрзо ќе се адаптираат и приспособат, оние кои ќе ја погледнат кризата од агол на можност за стекнување со нова вештина, знаење, отворање на нов сектор во бизнисот или пак нов пазар, тие ќе излезат како добитници и во тешките услови за работа“, рече таа и додаде: „И додека одредени бизниси поради намалениот обем на работа ги отпуштаат своите вработени, други имаат потреба од повеќе работници. Затоа, не паѓајте во очај туку работете на градење на вашата жилавост, вештина која ќе ви помогне да се приспособите на моменталната животна ситуација и погледнете околу себе каде можете да побарате нова работа, што би можеле да научите или во што да се доусовршите и специјализирате, која индустрија има зголемена потреба и каде вие со вашите вештини и знаења можете да се понудите.“
Фото: aarp.org

