Светот на работникот

Најдобри одговори на 8 прашања на интервју за работа

Кога некоја компанија ве интервјуира за работа, последното нешто коешто го имаат на ум е да ве „измамат“. Тие сакаат подобро да ве запознаат и да одредат дали сте вистинската личност за нив. Затоа треба да разберете дека не сте на разговор за да одговорите на нивните прашања, туку да одредите дали компанијата е вистинската за вас.

Интервјуто за работа е некој вид на истражувачки разговор, а не еднострано испитување. Еве кои се идеалните одговори кои работодавачите би сакале да ги слушнат, според веб страната Inc.com.

„Зошто сте ја напуштиле претходната работа?“

Кажете нешто искрено, а притоа тоа да има корелација со иднината, на пример, „Бев подготвен/а за следниот чекор/прилика.“ Никогаш немојте да ја критикувате претходната работа, или да оговарате некој со кој сте работеле. Работодавачот само сака да увиди како е да се работи со вас.

„Што барате во следната работа?“

Работодавачот сака да увиди дали вие како кандидат се усогласувате со она што го нуди. Накратко, сака да види дали сте компатибилни. Овде е важно да ја имате проучено компанијата, како и позицијата за која сте аплицирале, уште пред да аплицирате за работа. Бидете убедливи и покажете дека навистина ја сакате токму таа работа.

„Кажете ни нешто за себе?“

Компанијата сака да ја слушне вашата професионална биографија, на брз и сумиран начин, но и да види што е она што вие лично би го истакнале. Најдобро е она за што го зборувате со најголем ентузијазам е истото што го бара и работодавачот. Некои стручњаци дури препорачуваат да после краткиот разговор ја преформулирате реченицата во прашање. На пример: „Работам во маркетинг речиси 20 години и ме интересира кој е профилот на вашиот идеален кандидат, што ќе ми овозможи контекст за она што повеќе би го зборувал/а.“ Ваквиот одговор би можел интервјуто да го претвори во конструктивен разговор.

„Која е вашата најголема слабост?“

Работодавачот сака да увиди дали имате некоја слабост која може да и наштети на работата. Бидете искрени кога зборувате за „маните“, бидејќи ќе го почувствуваат тоа. Немојте да кажувате фрази како „Јас сум перфекционист“, бидејќи освен што е вон контекст, може да биде на ваша штета, бидејќи на перфекционистите им оди потешко пробувањето на нови работи, а со самото тоа се помалку иновативни и побавно напредуваат.

„Колку очекувате да ви биде платата“

Изберете износ на плата со кој ќе бидете задоволни во следните пет години. Нека биде фер. Кандидатите кои одговараат јасно на ова прашање ќе бидат посериозно сфатени, од тие кои одбиваат да одговорат.

„Каде се гледате себеси за пет години“

Компанијата всушност сака да види дали сте „играч на долги стази“. Идеален одговор (доколку немате план за следните 5 години) е да кажете: „Се гледам на позиција на која можам да напредувам заедно со компанијата,“ и да се надевате дека за пет години понатаму ќе учите и ќе напредувате. Само немојте да речете дека не знаете.

„Зошто би требало да ве вработиме токму вас?“

Секогаш имајте го подготвен овој одговор. Сумирајте ги сите ваши предности и размислете како можете да ги примените кога би биле на таа позиција. Генералната порака би требало да биде: „Атрибутите кои ги барате се токму моите предности, а мојата професионална биографија го докажува тоа.“ Немојте да кажете нешто претенциозно за себе, особено ако тоа не ја вклучува компанијата.

„Наведете примери на направени грешки и како сте ги поправиле?“

Сите прават грешки, а работодавачите сакаат да видат дали сте самосвесни и одговорни. Исто така, сакаат да видат сами да одговарате на своите грешки и да не обвинувате некој друг. Никогаш немојте да речете дека не правите грешки, бидејќи тоа е претенциозно и на крајот на краевите, не е точно. Едноставно е: Наведете ја грешката, застанете зад неа, немојте да обвинувате некој друг, објаснете како сте нашле решение. Нека биде кратко и јасно.

Бонус совет

Кога компанијата сака да ве вработи, можеби ќе сака да ги провери и вашите референци. Побарајте ги оние коишто сте ги навеле како референци и кажете им дека компанијата можеби ќе им се јави и потсетете ги што би требало да истакнат и сл.

Извор: BIZlife

Фото: Pixbay