Најевтина земја за живот на иселеници: Стан за 310 евра, а морето секогаш топло
Во истражување што ги споредуваше трошоците за здравство, транспорт, кирија, храна и комуналии во различни држави, Виетнам се издвојува како земја што нуди најмногу за најмалку пари, пренесува Daily Mail.
Зошто Виетнам е најповолен избор?
Портпаролот на Вилијам Расел, објаснува:
„Виетнам одамна е омилена дестинација за оние што внимаваат на буџетот и за дигиталните номади, бидејќи нуди сè што е потребно за квалитетен живот. Од сончеви плажи до големи градови, одлична храна и љубезни домаќини, модерни удобности и древни традиции што сè уште треба да се откријат – Виетнам е една од ретките земји што навистина може да каже дека има сè.“
Трошоците за живот навистина ги потврдуваат овие зборови. Еднособен стан во Виетнам може да се изнајми за само 361 долар (околу 310 евра) месечно, додека просечната цена за трособен стан изнесува 801 долар (690 евра). Вкупните трошоци за живот се дури 59 отсто пониски отколку во Обединетото Кралство. Најевтиниот град за живот е Да Нанг – крајбрежна метропола позната по своите плажи и ноќен живот.
Интересни факти за Виетнам:
- Повеќе од 3.000 километри крајбрежје – земјата се протега долж Источното Море и нуди безброј песочни плажи, од популарните како Нха Транг до скриените заливи на островот Фу Куок. Морето е топло преку целата година, а рибните јадења секогаш свежи.
- Виетнамците се љубители на кафе – кафето е вториот најпопуларен пијалок по зелениот чај. Виетнам е еден од најголемите производители на кафе во светот. Нивното познато cà phê sữa đá (ладно кафе со кондензирано млеко) е вистинска енергетска бомба и културен симбол.
- Уличната храна е срцето на кујната – популарни специјалитети како pho (говедска супа со нудли), bun cha (свинско со вермичели нудли) и banh mi (багет сендвич со локални додатоци) се јадат буквално на пластична столица покрај пат – и се одлични!
- Над 50 етнички малцинства – иако најголем дел од населението се Виетнамци (Кин), земјата е дом и на повеќе од 50 различни етнички заедници, со свои јазици, носии и обичаи.
- Моторциклот е крал на сообраќајот – во градовите како Хо Ши Мин и Ханој, мотоциклот е главно превозно средство – има над 50 милиони. Преминувањето улица може да биде предизвик, но постои правило: оди право и не менувај насока – возачите ќе се прилагодат на тебе.
- Едно од најспектакуларните природни чуда – заливот Ха Лонг – со над 1.600 варовнички островчиња и карпи што излегуваат од морето, Ha Long Bay е под заштита на УНЕСКО и едно од најпознатите места во Југоисточна Азија.
- Силен семеен дух и заедништво – виетнамската култура е базирана на колективизам. Повеќе генерации често живеат заедно под ист покрив, а почитта кон постарите и семејните обврски се длабоко вкоренети.
- Младо население – повеќе од половина од Виетнамците се помлади од 35 години, што придонесува за брзиот развој во технологијата, образованието и стартап културата, особено во големите градови.
- Тет – виетнамската Нова година – е најголемиот празник – се слави во јануари или февруари, зависно од лунарниот календар. Во тој период целата земја запира: семејствата се собираат, домовите се украсуваат со цвеќе и фенери, а градовите стануваат шарени и свечени.
- Исток и Запад во едно – поради француското колонијално минато, во Виетнам ќе најдете француска архитектура, багети и кафе, но и будистички пагоди, конфучијански храмови и традиционални пазари – сето тоа во ист кварт.
Други поволни земји за иселување
2. Боливија – Во главниот град Ла Паз, еднособен стан во просек чини 386 долари (332 евра), а трособен 707 долари (609 евра). „Боливија нуди мешавина од авантура и модерна удобност. Градови како Ла Паз, Кочабамба и Санта Круз де ла Сиера се опкружени со планини и џунгли. Животот овде овозможува луксуз за само неколку долари дневно“, наведуваат од Вилијам Расел.
3. Грузија – земја со „модерно општество без висока цена“. Најевтиниот град е Кутаиси, трет по големина во земјата, познат по блискоста до природата и пријатното урбано опкружување. Мал стан во центарот чини околу 550 долари (447 евра) месечно.
4. Индија – трособен стан просечно чини 433 долари (373 евра). „Буџетот овде може да ви овозможи луксузен живот – дури и во мегаград“, велат од агенцијата, но предупредуваат дека начинот на живот во Индија може да биде културен шок за некои.
5. Камбоџа – еднособен стан во центарот на Пном Пен чини 405 долари (349 евра) месечно. „Со изградбата на модерни станови низ градовите и крајбрежните области, животниот стандард постојано расте, без сериозен удар врз буџетот“, заклучуваат од Вилијам Расел.
Извор: b92.net

