ИнтервјуаНовости

“Намалувањето на товарот кој произлегува од придонесите значително би помогнал за да се зголемат платите”

   Време за читање 9 минути

„На прво место е секако намалување на даночниот товар, особено во делот на придонесите кои заедно со данокот на личен доход се енормни, дури и за европски услови, скоро 35% од бруто платата (или грубо 50% на нето платата). Ова даночно намалување треба да е суштинско, но не мора да биде пропорционално за сите, може да биде во форма на субвенција на пример за период 3 до 5 години при вработување на млади лица до одредена возраст, при прво вработување, при вработување на лица кои подолг период биле невработени и сл“, вели менаџерот на компанијата за консултантско – сметководствени услуги „Конто Профит“, Благоја Грозданов во интервјуто за порталот Работник. Со него разговараше уредникот Бобан Илијевски. 


Илијевски: За бизнис климата најчесто се зборува само кога ќе пристигнат извештаи од релевантни организации. Јас и Вие во еден наврат разговаравме токму на оваа тема, но се вели дека “повторувањето е мајка на знаењето”, па оттаму ќе Ве прашам: Каква според Вас е бизнис климата во Македонија?

Грозданов: Моменталната ситуација во Македонија, особено за микро и малите бизниси е критична поради неколку фактори. Прво би го споменал сериозниот недостиг на квалификувана работна сила како проблем кој се јавува скоро во секој бизнис сектор. Било да станува збор за интелектуални услуги, занаетчиски работи, градежништво, транспорт или општи работи – секој работодавач со кој ќе разговарате периодов ќе ви го потенцира овој проблем.

Втор голем проблем за огромен број на работодавачи е влошената ликвидност и ограничениот пристап до свежи извори за финансирање. Се функционира во услови на сериозна двоцифрена инфлација а никој не нуди решение за излез од безмилосната спирала во која сме влезени поради зголемените цени на суровини и енергенси, како и поради зголемените трошоци за плати кои се особено проблематични во услови на ниска продуктивност на трудот.

Понатаму, секогаш присутен проблем е неефикасната а гломазна администрација и екстремно лошиот квалитет на услуги кој бизнисот го добива од државниот апарат. Наместо сервис на стопанството ваквата администрација е товар. Згора на се, нелојалната конкуренција односно сивата економија останува трн во окото на легалните бизниси кои си ги плаќаат даноците, особено што државата со години не презема чекори за санирање на ситуацијата а наспроти тоа ги товари регистрираните работодавачи со дополнителни давачки.

Илијевски: Еден фактор којшто значајно ја отежнува бизнис климата во Македонија е недостигот на работна сила. Од перспектива на работодавач, во кого е вината за губењето на работната сила – во државата или во бизнис секторот или пак можеби во двете?

Грозданов: Проблемот е многу сложен и само на ова прашање може да се посвети многу повеќе време. Проблемите не се само од економска природа туку треба да се стават во далеку поширок општествен контекст. Нефункционален здравствен систем, недоверба во државата, неефикасна администрација, лошо образование се само дел од проблемите кои ги тераат луѓето да размислуваат на исселување.

Секако, има простор за подобрување и кај односот работодавач – вработен, особено кај оние бизниси кај кои се создава вишок во форма на екстра профити во однос на просекот, каде задржувањето на работната сила може да се поттикне со соодветно наградување.

Секако, работодавачите може да се креативни и да понудат дополнителни стимулации во форма на шеми за животно осигурување, дополнително пензиско осигурување, дополнително здраветсвено осигурување и сл. Сепак, на ова место морам повторно да ја споменам безидејноста на државниот апарат кој годинава ги укина даночните поттикнување за данок на личен доход со кој се даваше иницијатива за работодавачите да ги користат ваквите дополнителни стимулации за вработените. Ова уште еднаш ја потврдува негативната улога на државата која нема никаква стратегија на ова поле и креира политики за дневни потреби.

Илијевски: Што треба да се направи за да се подобри бизнис климата?

Грозданов: На прво место е секако намалување на даночниот товар, особено во делот на придонесите кои заедно со данокот на личен доход се енормни, дури и за европски услови, скоро 35% од бруто платата (или грубо 50% на нето платата). Ова даночно намалување треба да е суштинско, но не мора да биде пропорционално за сите, може да биде во форма на субвенција на пример за период 3 до 5 години при вработување на млади лица до одредена возраст, при прво вработување, при вработување на лица кои подолг период биле невработени и сл. Со ова ќе се намали невработеноста, ќе се зголеми „вработливоста“ на одредени целни групи, на долг рок ќе се зголеми бројот на плаќачи на придонеси, ќе се намали бројотѕ на млади кадри кои ја напуштаат државата и ќе се помогне при растот и развојот на бизнисите, особено оние кои се во „старт-ап“ фаза.

Општо гледано, потребна е предвидлива и стабилна даночна политика, базирана на реална стратегија а не „зиг-зак“ политика базирана на дневно-политички потреби.

Понатаму, државата треба да размисли за донесување на законска рамка со која ќе работи на сузбивање на сивата економија и со која ќе се развијат конкретни механизми за вклучување „во систем“ на сите оние кои до сега работат „на црно“.

Заради зауздување на трошоците за енергенси потребно е значително намалување на акцизата кај горивата а заради подобрување на ликвидноста на компаниите електричната енергија можеше и комплетно да се ослободи од ДДВ. Ефектот за државата ќе е скоро 0 (бидејќи ДДВ-то кое ЕВН го плаќа истовремено фирмите кои користат струја го пребиваат или побаруваат назад од државата), но ефектот врз подобрувањето на ликвидноста на бизнисите ќе е голем.

Илијевски: Што треба државата да преземе за да му помогне на приватниот сектор да може на вработените да им исплаќа плати кои ќе бидат доволни за да се справат со инфлацијата?

Грозданов: Тука ќе се навратам на првиот дел од одговорот на претходното прашање. Намалување на товарот кој произлегува од придонесите значително би помогнал.

Дополнително, некој во државата треба да размисли и на продуктивноста на трудот која во скоро секоја достапна анализа во Македонија е на рекордно ниско ниво. Соодносот меѓу зголемените трошоци на труд и ниската продуктивност е неодржлив на долг рок. Акцентот на ова поле мора да се стави на вработените во државниот сектор.

Оние кои ги носат одлуките во делот на даночните и финансиски политики многу полесно влегуваат во дебата за приходната страна на буџетот и за зголемување на даночните стапки или проширување на даночните основи, а многу потешко се впуштаат во анализа на расходната страна на буџетот, намалување на непродуктивните трошоците, зголемување на ефикасноста на администрацијата и подобрување на општиот квалитет на понудените услуги од државниот апарат. Ова се проблеми чие решавање индиректно може да да реши многу диспропорции кои се јавуваат на нашиот пазар на труд.

Илијевски: И за на крај каква година ќе биде 2023 за бизнисот? Поволна, неповолна? На што се базира Вашата прогноза?

Грозданов: За жал воопшто не очекувам значителни позитивни трендови во Македонија во текот на 2023. Можеби претходно очекував побрзо решавање на некои глобални прашања, но по се изгледа ситуацијата ќе се пролонгира се додека моменталниот „статус кво“ носи профит на некои засегнати страни.

Европските економии значително „забавуваат“ и влегуват во рецесија и тоа не може а да не се одрази и кај нас.

Ефективно, додека не се реши ситуацијата со конфликтот во Украина нема да има стабилизација на пазарот на енергенси во Европа а впрочем и да се реши ситуацијата ќе биде потребен одреден подолг период пред да се почувствуваат позитивни ефекти од таквиот развој на настаните.

Дополнително, кај нашата политичка елита не лоцирам визија ниту пак реална воља и капацитет за решавање на проблемите кои ни се наметнати од надвор и оние кои се генерирани во нашето стопанство. Очигледно е дека акцентот го ставаат на други места.

Затоа, ниту кај нас, ниту на регионално и глобално ниво не гледам нешто што ми дава надеж дека ќе биде значително подобра година на економски план.

Фото: Алсат – М

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси