ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

„Платите да се објавуваат со одреден спектар, од најниска до највисока за секое работно место посебно“

Транспарентноста на платите или секој работник да знае однапред колку ќе му изнесува платата на работното место за коешто аплицира е темата којашто порталот Работник неодамна ја отвори.

Западната пракса покажува дека преку воведување на транспарентност во платите, кандидатите за работа ќе можат да имаат во предвид колкава плата ќе земаат, од една страна, додека од друга страна, ќе се намали родовиот јаз во платите кој во Македонија, согласно податоците на Реактор, изнесува 19 %. Сепак Македонија е далеку од западната пракса.

Прашањето за тоа дали работнците треба однапред да знаат колку ќе им изнесува платата им го поставивме на Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска и Претседателот на Движењето за социјална правда „Обединети Работници“, Бобан Кочовски.

Трајкоска вели дека при самото аплицирање за работа работникот најпрво треба да се води од тоа дали ги исполнува критериумите кои ги поставил работодавачот.

Потоа, на него е да аплицира за работното место, а на крај да разговара за условите за вработување (меѓу кои и висината на платата). Многупати сум зборувала дека за еден работник не е предизвик само платата за вработување во одредена компанија и од тука не знам дали е неопходно да се прави листа на плати која ќе му се даде на апликантот, вели Трајкоска. 

Дали можеби е поважно да се разговара за условите во кои се работи, работното време, другите привилегии кои се нудат, а на крај да се разговара за висината на платата? – прашува Трајкоска и додава дека во последно време премногу се потенцира висината на платата, до тој степен што сите други категории на бенефиции кои му ги нуди една компанија на кандидатот се занемаруваат.

Да, можеби во една компанија ќе му биде дадена листа на плата која ќе биде примамлива за апликантот, но нема да му биде посочено дека ќе работи во три смени, нема да има дополнително здравствено осигурување, нема да има обуки и доквалификации, истакна Трајкоска. 

Платата на еден работик е договор, вели таа. Работодавачот е тој што ја нуди, а на работникот е дали истата ќе ја прифати или не. На крај, договорот за вработување се потпишува помеѓу две договорни страни. Ако не се согласни, тогаш нема договор, додава Трајкоска.

Смета дека треба да се свртиме кон многу посуштински вредности, а тоа се наобразба, едукација, преквалификација и тимско работење.

„Ги запоставивме овие суштински категории, а се насочивме кон краткорочни мерки“, посочи таа.

Бобан Кочовски е на ставот дека станува збор за една интересна тема која предизвикува различни реакци во зависност дали зборува претставник на работниците или претставник на работодавачите.

Според него, за работодавачите главен аргумент е класификацијата на платата како деловна тајна, па поради тоа се оправдува изостанувањето на транспарентноста, додека пак работниците за оваа одлука имаат минимална толеранција.

Работодавачите сметаат дека не може секој кандидат да се вреднува исто согласно работната позиција, односно уверуваат дека подобрите кандидати би добиле поголеми плати од онаа којашто била првично предвидена, вели Кочовски, додавајќи дека тоа е нешто што е реткост во пракса.

Работниците пак, сакаат да знаат каде и колку се цени нивниот потенцијален ангажаман, односно дали би добиле онолку колку што тие го вреднуваат својот труд, истакна Кочовски.

Вели дека времето потрошено на погрешни компании кои нудат потпросечни услови за самите работници е поразително, бидејќи времето е пари, односно тоа време работниците би можеле да го насочат на друго, далеку попродуктивно место, наместо да одат на разочарувачко интервју на коешто доколку би ја знаеле почетната плата воопшто и не би се појавиле.

Транспарентноста е важен аспект во општественото постоење и функционирање. Не е случајно предвидена одредба во трудовото законодавство каде што се предвидува обврска за објавување на платата при огласување на ново работно место. Но, оваа одредба често е предмет на заобиколување. Имено, вистина е дека се огласува висината на платата во системот на огласи на АВРМ, но многу добро знаеме дека тоа не е случај при огласувањата на порталите специјализирани за огласување на работни места, вели Кочовски. 

Констатира дека Македонија е држава каде работите функционираат само со примена на притисок, па оттаму можеби најдобро решение за зголемување на транспаретноста е целосно законско покривање на овие „дупки“, со што би се постигнале првични резултати околу ова прашање.

Можеби соломонско решение при објавување на плата во приватните средства за огласување е објавување со одреден спектар, односно од најмал до најголем износ за секое работно место, со што идните кандидати би имале некаква претстава колку би биле вреднувани, а самата комапнија не би била фиксирана за конкретна сума, истакна Кочовски. 

Тој верува дека освен висината на платата, идните баратели на работа, при анализа на огласите за вработување ќе ги земат во предвид и структурата на платата, работните услови, работната атмосфера, можноста за напредок…

Фото: Pixabay

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk