МакедонијаСиндикат

Некои вработени можат да земаат помали, а некои поголеми плати: КСС предупредува дека Предлог Законот за плати води кон клиентелистички пристап (ВИДЕО)

Законот за плати во јавниот сектор е крајно дискриминирачки и противуставен и е спротивен на конвенциите на Меѓународната организација на трудот, конкретно Конвенцијата 98 – за здружување и колективно преговарање и Конвенцијата 154 – за колективно договарање во јавниот сектор, истакна на денешната прес – конференција претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски, додавајќи дека истите овие конвенции се ратификувани од страна на македонското Собрание и дека се обврзувачки.

Ралповски посочи дека со овој Закон се одзема можноста за колективно преговарање.

„Наместо да ни се дозволи колективното преговарање, како што беше и до сега. Таа можност ни се одзема и се прави една контрола врз синдикатите и врз колективното преговарање со што се загрозува синдикалното организирање во јавниот сектор“, рече Ралповски.

 

Се осврна и на тоа дека наместо усогласување на платите, вработените добиваат деградирање со предлог законите за плати во јавниот сектор и работни односи.

„Впрочем, за тоа зборуваше и Државната комисија за заштита од дискриминација, во делот на зголемување на платите само во еден орган во државата, а тоа е Министерството за финансии и можноста да се покачат платите само во Министерството. Јасно и недвосмислено кажаа дека е противуставно и дискриминирачки и може било кој да го обжали на Уставен суд, бидејќи таа одредба треба да важи за сите, не само за министерствата“, истакна Ралповски.

Како Конфедерација го поздравуваат потегот да се покачат платите и истите да се усогласат, објасни Ралповски, но истото треба да се направи во целиот јавен сектор.

Во однос на тоа што содржи предлог Законот за плати во јавен сектор, посочи дека доколку работодавачот нема пари за исплата на таа сума што е предвидена дека може со обичен акт да ги намали платите, во корелација со Законот за работните односи, каде што во постојниот Закон, колективните договори важат се додека не се потпише нов Колективен договор, но во предлог Законот за плати се предвидува да важат само две години.

Според Ралповски, тоа значи дека целата борба на синдикатите во изминатите десет – дваесет години се „фрла во вода“ и она што е како стекнато право по коефициенти на сложеност на работно место, по стручност и образование, веќе нема да важи. И тоа, како што вели, се дава во рацете на неколку министри, пред сѐ, предвестие на ова беше протоколот којшто го донело Министерството за труд и социјална политика, со кој од синдикатите побарало сите колективни договори да бидат под контрола и на Министерството за финансии и тие да даваат „виза“ дали може да стапат во сила или не.

„Очигледно дека на овој начин сакаат да ја легализираат оваа одредба и да ја вметнат во Законот“, појасни Ралповски.

Тој посочи и дека според Законот за минимална плата, сите плати во државата треба да се усогласат, но дека сега некои министри велат дека тој член не важи, а се осврна и на тоа што со Законот за административни службеници минатата година била воведена една социјална категорија, односно оние работници кои земаа плати под минималната, сега земаат минимална плата, притоа сите сегменти во однос на образованието и стручноста се исфрлени.

Според Ралповски, преку легализирање на „дивоградби“ во трудовата сфера не се чекори кон вистински реформи, туку се деградираат вработените во јавниот сектор. Сето ова, како што рече, води кон еден клиентелистички пристап, бидејќи одредени категории на вработени кои ќе бидат блиски до власта, ќе можат да земаат поголеми плати, а оние кои се независни или со спротивни убедувања ќе земаат помали плати.

Од КСС бараат законите, особено Предлог Законот за плати во јавниот сектор, да бидат повлечени и преку дискусија со синдикатите да се донесе соодветно решение.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk