ДАЛИ МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТНИЦИ ‘ТИВКО СЕ ОТКАЖУВААТ’ ОД РАБОТАТА? „Еден работи за тројца вработени“
Вложување на минимален труд во работата. Вака може да се објасни трендот којшто зеде замав низ светот и беше наречен „Тивко откажување“.
Со оглед на тоа дека истиот се прелеа и на Балканот, конкретно во Хрватска, порталот Работник побара експертски став од Универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски – дали тој гледа тенденција на појавување на ваквиот тренд и во Македонија.
Според Јовевски, „Тивкото откажување“, иако засега не е форма на тренд во Македонија, има тенденција да се појави.
„Работниците го намалуваат трудот во работата поради општото незадоволство од висината на платите и работните услови. Платите кај нас како држава се ниски, а минималната плата не ја покрива ниту минималната потрошувачка кошничка“, вели Јовевски.
Под своевиден притисок се и работодавачите, поради тоа што вложуваат напор да ја одржат конкурентноста на пазарот, кои со исклучок на некои, се соочуваат со проблемите кои ги „наталожи“ економската состојба.
За да можат некако да се извлечат, но и во отсуство на државна помош, онаму каде што би можело и би требало да добијат, тие се обидуваат да „заштедат“ на работниците.
„Покрај ова, работните услови не се подобруваат, така што кај работниците отсуствува и материјална и нематеријална мотивација, па одлучуваат и тие да се поштедат од напор и работат по линија на помал отпор со цел да ја добијат (и онака, би рекол, ниската) плата.
Јовевски ја посочи државната администрација во овој контекст, нагласувајќи дека таму „можеби не се работи вистински за тенденцијата „Тивко откажување“, бидејќи чест случај е одреден број од административците да работат минимално, што јас би го вброил во овој тренд“, рече тој.
Од друга страна, во администрацијата постојат случаи каде еден работник работи колку за тројца или четворица вработени, а останатите вложуваат минимален труд и според Јовевски, се на линија на „Тивко откажување“.
Професорот предупреди дека со отворањето на актуелните прашања за платите на административците, може да се очекува оваа тенденција да порасне, а квалитетот на услугата да се намали.
Државата, вели тој, може да влијае позитивно и да ги охрабри вработените да вложуваат поголем труд во работата преку сет на мерки и фер практики.
„Сметам дека е клучно прво да се препознае трендот, па да се одговори на предизвиците со план и стратегија“, рече Јовевски.
Инаку, трендот на „Тивко откажување“, според истражувањето коешто го спровела веб страната за вработување Moj-posao, е присутен во Хрватска која се чини дека е првата земја на Балканот што е погодена од овој тренд.
Како што се наведува во истражувањето, во категоријата на луѓе кои практикуваат „Тивко откажување“ во Хрватска влегуваат 28 % од луѓето кои се ангажирани точно онолку колку што имаат договорено со работодавачот. Како причина за таквиот пристап кон работата, повеќе од половина (55 %) наведуваат дека „повеќе не им е гајле за работата“ и дека работните задачи ги „извршуваат без емоции“. 13 % од испитаниците вложуваат минимален труд, колку работата да биде „завршена “, а 1 % работат под минимум и таквиот однос настојува да се задржи се додека „тоа така поминува“.
Колку за потсетување, овој тренд првобитно настана во Соединетите американски држави.
Фото: Freepik/Приватна архива

