КолумниНовости

Несреќи при работа еден куп, ние насочени само кон платите

   Време за читање 7 минути

Несреќи при работа се случуваа постојано, за жал, а ние постојано зборуваме само за платите и за тоа дали и кога ќе пораснат. И тоа е во ред. Платите се еден од најважните сегменти во работниот однос. Сепак, забораваме на уште еден многу важен сегмент од областа на работните односи, а тоа е безбедноста и здравјето при работа.

Автор: Бобан Илијевски

Парите пред здравјето или здравјето пред парите

Три години – колку што сум дел од сферата на работните односи, немам видено некој од надлежните да излезе јавно и да зборува за несреќите при работа, коишто, за жал, се случуваат многу често, а некои резултираат со смртен исход.

Единствено само одреден број на граѓански здруженија, како што е Македонското Здружение за заштита при работа, постојано алармираат за несреќите при работа.

Ги повикуваат надлежните да преземат дејствија, да ги зачестат инспекциските надзори и да воведат поригорозни казни.

Голем број на работодавачи не го почитуваат Законот за безбедност и здравје при работа, а таму се пропишани сите мерки коишто треба да се преземат за да се обезбеди поголема заштита за работниците.

Во 2020 имало 152 несреќи при работа, од нив 25 биле со смртен исход

Според последниот Извештај на Македонското здружение за заштита при работа од 2020 година, во истата, се случиле 152 несреќи при работа. Од нив 25 биле со фатални последици.

Така, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,14 односно на секои 100.000 вработени, загинуваат 3 до 4 вработени. Стапката на смртни случаи при работа е готово иста во споредба со 2019 година, кога изнесувала 3.13, велат од МЗЗПР во Извештајот.

Стапка на несреќи при работа во 2019 и 2020 година

Извор: МЗЗПР

Најмногу несреќи при работа има во земјоделството, градежништвото и одбраната

Гледано според дејности, најмногу несреќи имало во „Јавна управа и одбрана“. Потоа во Преработувачката индустрија и Градежништвото.

Најголем дел од несреќите кои имале смртен исход биле во „Дејности на домаќинствата како работодавачи; дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби”, по што следи дејноста Преработувачката индустрија и градежништвото.

Од МЗЗПР велат дека дејностите на домаќинства како работодавачи во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти.

Доколку овие лица се регистрирани како земјоделци, тогаш голем дел од повредите би се припишале на дејноста земјоделство.

Најголемиот број на несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина – трактор, при вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај, се наведува во извештајот и се додава:

Несреќи при работа во 2020 година

Извор: МЗЗПР

Исто така градежните зафати врз објектите од домаќинството каде што имаше исто така зголемен број на повреди и смртни случаеви, покажува дека дејностите во домаќинствата се една од најчестите причини за настанување на несреќи при работа.

Извештајот ја дава целосната слика за тоа каква била состојбата во сегментот на безбедноста и здравјето при работа во 2020 година.

На 28 април, секоја година, се одбележува Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

Тој ден, МЗЗПР го објавува и Извештајот за несреќи при работа. Секоја година до надлежните апелираат дека мора да се воспостави механизам којшто ќе гарантира поголема безбедност на работните места. За жал, колку што гледам, слух нема.

Превентивната култура е на многу ниско ниво

Несреќите продолжуваат да се случуваат. Несовесните работодавачи продолжуваат да не ги почитуваат мерките за заштита при работа. Превентивната култура, како и секој друг вид на култура во Македонија е на многу ниско ниво.

Не се знае ни колку од луѓето кои доживуваат несреќи при работа, работат на црно. Не се знае ни што се случува со овие работници по несреќата. Ретки се тие случаи каде се поведува судска постапка против несовесните работодавачи.

Не знам зошто е тоа така. Дали семејствата се плашат или пак ги поткупуваат за да не водат постапка.

Навистина не можам да сфатам.

Повредениот или починатиот работник се појавува само дента на несреќата во полицискиот билтен и се известува по медиумите и толку. Од следниот ден, се се’ заборава.

Ако мислите дека платата е најважното нешто во работниот однос и дека нема ништо поважно од неа, запрашајте се уште еднаш. Здравјето, односно животот, не е поважен ни од милијарди и трилиони. Животот нема цена. Не можете да го купите на пазар или во маркет.

Работниците треба да одбиваат работни задачи кога работат во штетни и опасни услови

Апелирам до работниците да пријавуваат до Инспекторатот за труд доколку работат во штетни и опасни работни услови. Исто така, и да не се согласуваат да работат, додека не им се овозможат соодветни услови за работа.

Мислам дека сите видовме што се случуваше во 2020 година, кога започна пандемијата со Ковид – 19 во Македонија. Имаше огромен број на заразени работници, особено во фабриките, токму поради немањето на превентивни мерки.

Како некој којшто чувствува обврска кон работниците и работодавачите, сметам дека треба да ги вадам на површина ваквите проблеми. До душа, тие се присутни во јавноста, но многу малку се обрнува внимание на истите.

Досега многупати имам пишувано на темата „Безбедност и здравје при работа“. Признавам дека не онолку колку што треба, но се трудам. Тоа го правам бидејќи сакам да влијаам да се крене свеста кај надлежните, работодавачите и работниците.

Не смееме да дозволуваме луѓе да гинат на работните места и за тоа никој да не одговора. Мораме и да се погрижиме за тоа да не се случуваат несреќи, односно истите да се сведат на ниско ниво.

Мене лично, здравјето ми е поважно од сите пари на светот.

За крај, постои една поговорка која моите често ми ја кажуваат и таа гласи вака:

„Ако немаш здравје, нема да можеш да работиш, а со тоа и да заработуваш“.

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси