Колумни

Несреќни работници, не можат да дадат добар резултат при извршување на работните задачи

Неисплаќањето на регресот за годишен одмор, попознат како К-15 не е новост. Речиси секоја година се случува да голем број на компании не исплатат К-15 или да исплатат многу мала сума. Се подразбира дека вината, во најголем дел е кај работодавачите, но и работниците носат со себе мала доза на вина. Се прашувате зошто? Затоа што не ги пријавуваат таквите работодавачи во Управата за јавни приходи. Сега сигурно ќе речете дека се плашат да ги изгубат своите работни места, но сепак секогаш на располагање е механизмот наречен – анонимност. Работниците можат да ги замолат инспекторите во УЈП да останат анонимни и на тој начин да го пријават работодавачот. Се додека нема масовно пријавување за кршење на работничките права, нема да има никаков напредок во трудовата сфера во Македонија. Работниците мора да имаат на ум дека потребно е да делуваат, за да може да го превенираат прекршувањето на работничките права, во спротивно нема да постигнат ништо.

Онаму каде што има синдикат, треба да се обидат преку него да се изборат, а онаму каде што нема, можат директно да се обратат до надлежните институции. Не залудно Државниот инспекторат за труд има веб страна на којашто може да се пријави анонимно некоја нерегуларност. Потребно е помасовно да се користи таа опција, за да може инспекторите да постапуваат и на тој начин да го сузбијат кршењето на работничките права. Знам дека постојат и такви газди коишто и да платат пет пати казна, повторно тераат по свое, па затоа е потребно да се воведат построги санкции, преку кои ќе му се долови на газдата дека е обврзан да ги почитува работничките права. Само на овој начин ќе се успее да се создадат подобри услови за работа на работниците.

Најголем број од компаниите кои не исплатиле К-15 се микро и мали и тоа е сосема добро познато, со оглед на тоа дека тие не се „мета“ на инспекциските служби, колку што се големите компании. Ова значи дека инспекцискиот надзор треба да биде насочен најмногу кон микро и малите компании, бидејќи не само што таму најмалку или воопшто не се исплаќа К-15, туку и најмногу се прекршуваат работничките права. Зошто е тоа така, потребно е надлежните да кажат и се надевам дека тоа ќе го сторат во брзо време.

Мора и да се нагласи дека и самата Влада има голема улога во контролирањето на состојбите во државата, бидејќи таа е на врвот од пирамидата. Поради тоа, потребно е креаторите на политики да водат повеќе евиденција околу сферата на трудот, со тоа што ќе направат негова реформа. Честопати пишувам за тоа дека ќе има поголем одлив на кадар од Македонија по корона кризата и се држам до таа теза. За да креаторите на политики го спречат тој потенцијален зголемен одлив, треба да обезбедат пристојни и достојни услови за работа, почнувајќи од плати, па се до безбедност и здравје при работа. Јас се обложувам дека доколку се направи една анонимна анкета со вработените во микро и малите компании, резултатот од таа анкета би бил дека работниците не се задоволни, ниту пак среќни, најмногу поради условите во кои работат. Запрашајте се дали еден келнер би бил задоволен доколку служи петнаесет маси на коишто има по четворица гости. Мислам дека одговорот би бил НЕ. Дали еден градежен работник е задоволен ако работи на фасада на петти кат на зграда, качен на скеле кои се клати? Повторно, мислам дека не, а и сметам дека и вие, почитувани читатели, ќе се согласите со мене.

На крајот, не можеш да очекуваш добар резултат, доколку работниците коишто треба да го постигнат, не се задоволни и среќни.

Бобан Илијевски

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник