Неточниот часовник на броилата е случајност или системска практика на ЕВН?
Многу граѓани се жалат дека не можат да пристапат до своите струјомери за да водат колкава им е потрошувачката на електрична енергија. Еден таков корисник се обратил до Инженерите на Македонија дека не може да го види своето броило и отако се пожалил за тоа, по неколку дена му бил овозможен пристапот до струјомерот, но за забележал дека тоа има отстапување од цели два часа во синхронизацијата со реалното време.
Од Инженерите на Македонија нагласуваат дека ова упатува на сериозно сомневање во точноста на мерењето на потрошувачката на електрична енергија.
Оваа појава може да прерасне во скандал од јавен интерес, затоа што ваквото отстапување директно влијае врз пресметката на потрошувачката, особено на разликата помеѓу високата и ниската тарифа. Ако вградениот часовник е неточен, апаратите во домаќинството можат да работат во скапа тарифа и тогаш кога корисникот мисли дека е евтина и на тој начин сметките стануваат неоправдано повисоки, велат оттаму.
Според новиот Закон за енергетика, член 164 став (1) точка 19, операторот ЕВН е должен да овозможи визуелен пристап до мерните уреди.
Ова отвора сериозна дилема: Дали намерно се оневозможува визуелен пристап до броилата со нивно поставување во заклучени ормани и нивно физичко поместување така што екраните не се видливи? Ако потрошувачите не можат сами да проверат што покажува броилото, како можат да знаат дали плаќаат правично , прашуваат тие.
Глобите се многу високи за прекршување на оваа обврска. Во членот 286 од Закон за енергетика е пропишана глоба од 1.000 до 3.000 евра.
Според европскиот стандард за Општи барања за софтверски контролирани мерни инструменти, секое електронско броило мора да има точно и синхронизирано време и токму тоа време е основа за поделбата меѓу скапа и евтина тарифа, за архивирање, билансирање и анализа на потрошувачката. Ако тоа е неточно, тогаш сите последователни мерења се доведуваат во прашање. Оттаму сметаме дека е време одредбата за изрекување глоба да почне да се применува, нагласуваат Инженерите на Македонија.
Според нив, проблемот не е само технички туку и правен, и доколку овие отстапувања се покажат како системски, ќе мора да се бара колективна ревизија на фактурите, обесштетување на граѓаните и одговорност од сите вклучени институции. Точната сметка не е привилегија туку е законско и потрошувачко право, велат Инженерите на Македонија.
Апелираат до потрошувачите да го проверат времето на своето броило и да забележат дали тоа се совпаѓа со реалното време.
Ако не, фотографирајте го дисплејот со точен датум и час и поднесете претставка до ЕВН, Регулаторната комисија за енергетика, и пријава до Државниот инспекторат за енергетика и Државниот пазарен инспекторат, укажуваат тие.

