„Не сакам да успеам јас, но нема да успееш и ти“ – македонски парадокс
Автор: Бобан Илијевски
Уште кога започнав да ги пишувам моите колумни сакав на површина да вадам теми за кои не се зборува многу во Македонија, а се важни, колку за општеството толку и за секој поединец посебно.
Да бидеме реални, во Македонија, освен за политика, за сите други важни теми се одвојува малку време. Не се зборуваше често ниту за работните односи, како една круцијална сфера во општеството додека (се извинувам што ќе звучам нескромно) не почна да функционира Порталот Работник на медиумскиот пазар во Македонија.
Веб страните за огласи за вработување постојат одамна пред да настане Работник, но нивна примарна цел е тоа – да објавуваат огласи за работа, а примарната цел на Работник е информирањето на граѓаните за се што спаѓа во доменот на работните односи (работничките права, пазарот на труд, синдикати, работодавачи и се што е поврзано со работниците и работодавачите). Зошто пишувам токму за ова? Бидејќи сето ова што ги имам досега направено на професионален план преку Работник за мене е успех. Вадењето на површина на теми на коишто не се зборува малку, а се од голема важност, за мене е успех.
Токму успехот е главна тема на денешната колумна.
Сте се запрашале ли некогаш што е за Вас успех? Доколку да, дали можеби е тоа да купите нов автомобил? Да отворите сопствен бизнис или да создадете уметничко дело? Можеби го гледате пишувањето на првата книга или збирка поезија како успех?
Без разлика која идеја и да сакате да ја реализирате, сето тоа е успех. Не постојат пишани или непишани правила за тоа што е успехот. Секој поединец си има свои желби и соништа, коишто сака да ги преточи во успеси.
За жал, многу луѓе во Македонија сметаат дека успех е да озборуваат, љубоморат и бидат алчни. Истите постојано се обидуваат да им ги уништат надежите и соништата на оние кои сакаат да направат нешто од својот живот. Мотото на овие луѓе е „не сакам ништо да направам од мојот живот, ама ќе те спречам и тебе да го направиш она што го сакаш од твојот“. Мото кое самото по себе е парадоксално. Ако не сакаш ти да направиш нешто од твојот живот, тогаш зошто би му го отежнувал тоа на некој кој има желба да направи нешто повеќе и сака да „излезе надвор од кутијата“ преку своите идеи и размислувања.
Морам да признаам дека имало период во мојот живот кога и јас сум бил љубоморен и завидлив, но сфатив дека тоа нема да ме однесе далеку, туку напротив ќе ме спушти уште повеќе на дното. Почна да ми биде многу полесно и поубаво кога престанав да се споредувам со другите и кога си го фатив мојот пат.
Во оваа земја живеат премногу огорчени луѓе, но и живеат голем број од оние кои сакаат да направат нешто повеќе од себе. Мене ми е многу мило кога ќе видам дека некој остварил успех. Се радувам за него. Многу други му завидуваат и љубоморат. Тоа се парадоксите на македонското општество. Истите мора да се сменат, ако сакаме да живееме во една подобра околина.

