ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

„Нови 800 работни места во ТИРЗ за само шест месеци и договори за инвестиции од 280 милиони евра“

Само од трите договори постигнати во првиот семестар годинава, планирани се над 4 500 нови работни места, соопшти денеска директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Според него, во компаниите во зоните заклучно со средината на оваа година, надмината е бројката од 17 000 вработени.

Како што рече Деспотовски на брифинг со новинарите, на крајот на минатата година во зоните имало 16 230 вработени, а на средината од оваа година биле регистрирани 17 047. Бројот на вработени во првото полугодие оваа година во компаниите е поголем за пет отсто, додека споредено со јуни минатата година е регистриран пораст од 14 проценти.

-Ја надминавме бројката од 17 000 вработени во зоните. Имаме над 800 нови работни места само од почетокот на годинава. Ова се должи пред се на засилената динамика на вработување, односно на ангажирање луѓе поради новите договори потпишани во изминатите години. Очекувам ваквиот тренд да продолжи и до крајот на годинава, изјави Деспотовски, презентирајќи ги резултатите од работењето на Дирекцијата во првите шест месеци од 2023.

Меѓу клучните достигнувања и ефектите од работењето на ТИРЗ во првите шест месеци од годинава, се и постигнатите договори за инвестиции од над 280 милиони евра. Тука е, потсети Деспотовски, и најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на државата, вредна 205 милиони евра, со тајванскиот електро-гигант „Јагео“.

Деспотовски нагласи дека продолжува и стабилниот раст на извозот.

-Податоците се охрабрувачки и тие ги поткрепуваат нашите очекувања дека растот ќе продолжи. Извозот во првите шест месеци достигна близу две милијарди евра што претставува пораст од 12 отсто во однос на истиот период лани. Моите очекувања се дека оваа година ќе стигнеме близу 4 милијарди евра извоз заради тоа што дел од капацитетите со кои минатата година потпишавме договори ќе започнат со производство и извозот ќе го задржи стабилниот тренд на пораст, посочи Деспотовски.

Анализата покажува благ пад на увозот од три проценти што пак влијае на пораст на нето извозот. Заклучно со јуни годинава нето извозот е 24 отсто, што е највисоко ниво досега.

-Заради овие бројки и заради зголемениот раст на работни места, уплатите од компаниите од ТИРЗ само на име на придонеси се над 25 милиони евра. Доколку продолжи ваквиот тренд, очекувам до крајот на годинава компаниите по основ на придонеси, персонален данок и данок на добивка да биде околу 100 милиони евра, што доста го надминува она што го исплаќа државата, посочи Деспотовски.

Директорот на ТИРЗ додаде дека од почетокот на годинава се постигнати договори од над 280 милиони евра кои во следните десет години треба да донесат над 4 600 работни места како и над 90 милиони евра во буџетот само по основ на придонеси. Исто така во завршна фаза на преговори се 4 нови инвестиции со обем од над 150 милиони евра.

Деспотовски очекува и забрзување на неопходните реформи, односно усвојување на законските измени за ТИРЗ и Индустриски зони, како и институционалната реформа, односно интегрирање на Агенцијата за странски инвестиции во ТИРЗ, со што и реално ќе се создаде една точка за инвеститори.

ТИРЗ почнува и кампања за промоција на европски работни места дома, која е посебно насочена кон младите.

-Целта е да поттикнеме поголем интерес за работните места што се отвораат во зоните преку споделување позитивни примери на луѓе кои веќе работат. Да ја приближиме приказната дека сето она што го добиваат како плата, работни услови и слично во западните земји, дека може да го добијат и дома. Ова е еден придонес во рамки на идните напори на Владата, ако не да го спречи, барем да го ублажи трендот на иселување, нагласи Деспотовски на средбата со новинарите.