СветСветот на работникот

Нов бизнис хит во светот: Лажни канцеларии за преправање дека работите

Во свет каде притисокот за одржување на работен статус е огромен, се појавува нов, необичен бизнис модел: изнајмување простор во „лажни канцеларии“. Многумина кои не сакаат да го објаснат својот работен статус плаќаат за да изнајмат место каде се преправаат дека работат, а некои дури добиваат и измислени задачи и „инспекции“ од лажни шефови.

Секојдневна рутина со пресврт

Зонгхуа речиси една година станува рано, оди во канцеларија и се враќа дома доцна навечер. Навидум, таа ја повторува истата рутина што ја следат милиони луѓе во Кина. Но, нејзиниот ден има една особеност: никој не ја плаќа за тоа и никој не бара резултати од неа. Што да се прави, и уште поважно, што да му се каже на семејството кога ќе останете без работа, стана главоболка за сè поголем број Кинези кои не сакаат да даваат објаснувања или да се изложуваат на непријатни прашања од околината. Во големите градови почнаа да се појавуваат простори кои нудат решение: фирми кои им овозможуваат на луѓето да се преправаат дека работат.

Цени и „услуги“

За дневна цена од 30 до 50 јуани (околу 4-7 долари), овие фирми нудат работни маси, Wi-Fi, кафе, ручек и амбиент кој имитира вистински канцелариски простор. Според весникот Beijing Youth Daily, иако нема вистински договори или шефови, некои фирми ја симулираат деловната околина: се делат фиктивни задачи. Ако платите дополнително, театарската илузија може да достигне зачудувачки нивоа – од преправање дека сте менаџер со сопствена канцеларија, до сценирање на „бунт“ против надредениот.

Потрага по мир и соочување со реалноста

Зонгхуа од Кантон, не сака да го открие своето вистинско име. Уморна од патувања и притисоци од финансискиот сектор, таа дала отказ пролетта 2024 година. „Барав постабилен живот“, напиша таа на локална социјална мрежа. Но, таа не се осмелува да ѝ ја каже вистината на својата фамилија. Отпрвин одела во библиотеки, но последните месеци плаќа месечна членарина од 400 јуани (околу 55 долари) за удобен простор каде го поминува денот – што е значително поевтино од повеќечасовно седење по кафулиња. Таа не знае уште колку долго ќе продолжи вака, бидејќи засега нејзините апликации за работа не даваат резултати.

Во првиот квартал на 2025 година, стапката на невработеност во градовите изнесуваше 5,3%, според податоците на Националниот завод за статистика. Но, невработеноста кај младите е значително повисока – во март изнесуваше 16,5% кај оние на возраст од 16 до 24 години и 7,2% кај оние од 25 до 29 години. Од почетокот на годината, стратегијата за „одржување на привид“ станува сè попопуларна. Xiaohongshu (кинескиот Инстаграм) е преплавен со огласи за фирми кои нудат „лажно вработување“ и кои бројат милиони прегледи. Огласите предизвикуваат и дебати – некои во тоа гледаат начин да се ублажи психолошкиот притисок, додека други сметаат дека тоа само поттикнува избегнување на работата и го одложува влезот на пазарот на трудот.

Сепак, не е лесно да се утврди вистинскиот обем на овој феномен: фирмите не се официјално регистрирани и често функционираат неформално, преку апликацијата за пораки WeChat.

Хит на интернет: Посета на лажна канцеларија

Новинарите на El País посетија еден од овие простори, во пекиншката четврт Шуангјинг. На рецепцијата виси табла од адвокатска канцеларија во чија сопственост е просторот. Има и неколку сали за состаноци и lounge зона со капацитет за 36 „вработени“. Во средата наутро, едвај имаше активност – тројца луѓе изгледаа фокусирани на компјутерите, додека еден маж седеше потпрен во столот гледајќи во телефонот, а едно дете си играше на мобилен. Личноста задолжена да го покаже просторот призна дека идејата ја копирале бидејќи е моментален хит на интернет. Таа објасни дека адвокатите ретко ги користат просториите, па затоа одлучиле да ги изнајмуваат. Во пракса, тоа функционира како мал простор за работа.

Основачот на една друга фирма од сличен тип, исто така од Пекинг, води активна WeChat група со околу 300 членови, во која споделува фотографии од мебел и информации за просторот. Меѓу членовите е и Ксу Лин, креатор на содржини. „Иако на некои навистина им треба место за да се преправаат дека работат, повеќето од нас се тука бидејќи ни е едноставно интересно“, вели таа.

Во меѓувреме, градежникот Да Ненг Мао се приклучил бидејќи верува дека овој концепт „може да создаде нова работна можност“. Тиан Тиан, инструкторка по пилатес со скратено работно време, смета дека идејата е „практична – слободните луѓе да имаат каде да одат“.

Извор: BIZLife.rs