Каде живеат најмногу милионери? САД убедливо водат, Европа и Кина ја следат светската елита
Најголем број милионери во светот живеат во Соединетите Американски Држави, покажува најновиот извештај на UBS,најголемата швајцарска мултинационална банка. Од вкупно околу 57,5 милиони милионери во светот, повеќе од 23,6 милиони, односно над 40 проценти, се жители на САД. Само во текот на 2025 година, во земјата се создале повеќе од 440.000 нови милионери, што е повеќе од 1.200 дневно.
По бројот на милионери следува Кина, каде што живеат повеќе од 5,3 милиони луѓе со богатство од најмалку еден милион американски долари, додека на третото место е Јапонија со близу три милиони милионери.
Веднаш зад нив се најголемите европски економии – Германија, Обединето Кралство и Франција, кои се последните земји со повеќе од два милиони милионери. Значителен број милионери имаат и Австралија, Јужна Кореја, Холандија, Италија и Шпанија, каде што нивниот број се движи меѓу еден и два милиони. Швајцарија и Индија имаат речиси идентичен број милионери.
Според извештајот, Северна Америка и натаму е регионот со најголема концентрација на милионери, пред сè поради доминацијата на САД. Заедно со Кина, тие сочинуваат повеќе од 56 проценти од светската популација на милионери, додека Северна Америка и Западна Европа заедно се дом на повеќе од 70 проценти од сите милионери во светот.
Од UBS посочуваат дека бројот на милионери во една држава не зависи само од големината на економијата или од просечното богатство по жител. Важна улога имаат и сопственоста на недвижности, приватните пензиски заштеди, даночните олеснувања за штедење и инвестирање, како и инвестициската култура што преовладува во секоја земја.

