Останато

Ова е еден од начините да се мотивираат вработените, но во Македонија малку се зборува за него

Бобан Илијевски

Последниве две години беа исполнети со предизвици, како за работниците, така и за работодавачите. Пандемијата со Ковид -19 принуди голем број на компании да ги испратат своите вработени на работа на далечина, а со тоа се намали нивниот ангажман, или како што би рекле оние коишто се од англиското јазично подрачје, engagement.

Тоа значи дека сега повеќе од било кога на компаниите им е потребен софтвер кој ќе ги ангажира вработените кои работат од канцелариите, но и оние од дома, и со тоа ќе ја зголеми нивната мотивација, продуктивност и ефикасност.  Исто така, мора да се има во предвид дека истиот овој софтвер треба да има интегрирани алатки кои се во согласност со стратегијата на одделот за човечки ресурси во одредена компанија.

Што е софтвер за ангажирање на вработени?

Софтвер за ангажирање на вработените претставува сет на апликации кои организациите ги користат за да ја зголемат мотивацијата, продуктивноста и ефикасноста и да ги задржат талентираните работници. Целта е вработените да се воведат во мисијата и културата на компанијата.

Techtarget пишува дека најголемиот дел од модерните софтвери за ангажирање на вработените ги управуваат менаџерите за човечки ресурси, односно одделите за човечки ресурси во компаниите и истите се продаваат на база на претплата како сервисни софтвери.

Пет основни алатки кои треба да ги има еден добар софтвер за ангажирање на вработени

  1. Алатка за двонасочен фидбек

Од голема важност е вработените да можат да ги искажат меѓусебно своите мислења и ставови околу работата, но и да му дадат фидбек на работодавачот. Комуникацијата е од есенцијално значење за успешноста на една компанија, па преку алатката за двонасочен фидбек, работодавачот лесно може да ја одржува комуникацијата со своите вработени, како и вработените меѓусебно и се разбира со него.

  1. Алатка која ќе овозможи комуникација „еден на еден“

На англиски позната како „1-on-1’s“, оваа алатка овозможува работодавачот да може индивидуално да разговара со некој од вработените, но и обратно – работникот да разговара на само со работодавачот доколку има потреба за тоа. Оваа алатка може да ја засили конекцијата работодавач – вработен и е препорачана од најдобрите експерти за човечки ресурси ширум светот.

  1. Алатка за осврт на таленти

Оваа алатка може да му помогне на работодавачот да води евиденција за напредокот на неговите вработени. Таа му овозможува да го следи нивниот напредок на дневно ниво и да одлучи кого треба да унапреди или пак на кого треба да му овозможи дополнителен тренинг или обука.

  1. Алатка за креирање анкети

Иако е четврта по ред на оваа листа, оваа алатка е еднакво важна како и останатите. Работодавачот потребно е да знае што размислуваат вработените за процесот на работа, за компанијата итн., а преку алатката за фидбек или таа за комуникација еден на еден, нема да го дознае тоа, бидејќи за некои нешта на вработените им е потребна анонимност. Алатката за анкета може да го овозможи тоа. Преку резултатите кои ќе произлезат од неа, работодавачот може да заклучи дали има вработени кои не се задоволни од работата и дали некои од нив можеби планираат да ја напуштат компанијата. Имајќи го тоа во предвид, тој може да преземе конкретни дејства за да ги задржи своите вредни работници.

  1. Алатка за наградување

Оваа алатка го следи напредокот на вработените и му дава увид на работодавачот кого треба да награди. Познато е дека наградувањето на вработените игра голема улога во зголемувањето на нивната мотивација и продуктивност, па поради тоа оваа алатка треба да биде инкорпорирана во софтверот за ангажирање на вработените.

Ова се основните пет алатки кои треба да ги содржи еден софтвер. Истите можат да му помогнат на работодавачот да ги задржи своите квалификувани работници, што е особено важно во денешно време, кога има голем недостиг на работна сила, а работниците се оние кои ја одредуваат судбината на компаниите.

Фото: Freepik

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk