МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Огромен дел од вработените не ги знаат правата од областа на безбедноста и здравјето при работа – Завршна конференција

Оваа конференција ја одржуваме после осум одржани работилници кои Конфедерацијата на слободни синдикати во соработка и покровителство на Solidarity Center ги направи во текот на минатата година во осум сектори, рече Претседателот на КСС, Благоја Ралповски на денешната прес – конференција по повод завршната конференција под насловот „Заштита на здравјето и безбедноста на работниците во Македонија“.

„Од страна на стручно лице, Г-динот Милан Петковски се изработи една стручна анализа и денеска сме тука да зборуваме за тоа каков е Законот и дали требаат измени и дополнувања на Законот и во насока на тоа што треба да биде направено за по интерактивно имплементирање на тој Закон. Нашата цел е оваа тема да ја ставиме на повисоко ниво и да почнеме да правиме една превентивна култура помеѓу работниците и работодавачите и институциите на системот кои ја третираат оваа тема, за да можеме и ние да бидеме посреќни и поздрави, а и работодавачите треба да сфатат дека со подобро третирање на оваа тема, работниците ќе бидат попродуктивни и поздрави“, рече Ралповски.

Ралповски дополни дека заклучоците се дека премногу се кратки обуките за обука на работниците за безбедност и здравје при работа.

Стивен Меклауд од Фондацијата Solidarity Center од САД која ја поддржа конференцијата, рече дека Центарот е многу среќен што соработува со КСС за оваа иницијатива за безбедност и здравје при работа.

„Една од работите за кои се надлежни синдикатите е да овозможат работниците дома да се вратат безбедно на крајот од денот. Синдикатите се есенцијални во овој сегмент, но исто така и работодавачите и надлежните институции“, рече Меклауд и додаде дека често го користат примерот со една столица со четири ногарки, едната се синдикатите, втората владата, третата работниците и четвртата работодавачите. Ако една од нив се скрши, тогаш целата столица паѓа.

Тој посочи оти е сигурен дека активностите спроведени од КСС дека ќе придонесат во подобрување на состојбата со безбедност и здравје при работа.

Милан Петковски, автор на анализата за безбедност и здравје при работа посочи дека тргнале пред сѐ од тоа како се спроведува Законот за безбедност и здравје при работа кој постои од 2007 година во оваа форма и увиделе дека во Македонија работникот гине, се повредува и професионално заболува на работното место.

„Тргнавме од еден од оние основни делови на пазарот на труд, а тоа е работникот, каде што преку анкета утврдивме дека огромен број на работници сѐ уште не знаат за тоа што покрива овој Закон. Сѐ уште не знаат за кого се однесува овој Закон и не знаат кои права ги имаат со овој Закон. Ако две третини од претставниците на работниците ја имаат оваа недоумица, тогаш може да се види целата слика колку тоа важи за останатите работници. Оваа е сликата која ја имаме во Македонија. Ова ја покажува нефункционалноста на Законот“, рече Петковски.

Тој изрази надеж дека оваа анализа ќе биде појдовна точка во менувањето на работите на подобро во овој сегмент и дека сите страни ќе бидат вклучени во тоа.

 

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk