Одобрени 23 милиони евра од „Ковид 3” за вкупно 2.009 корисници со 15.197 вработени
Нови 733 кредитни барања се одобрени од третата бескаматна кредитна линија со грант компонента, која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата. Досега, се одобрени вкупно 2.009 кредитни барања, со вкупен износ од 23 милиони евра. Кај овие 2.009 апликанти, вработени се вкупно 15.197 лица.
Како што соопшти Развојната банка на Северна Македонија, според структурата, 1.123 кредитни барања се од мали компании, додека 741 барања се од микро компании. Вкупно 106 кредитни барања се од трговци-поединци, додека 39 кредитни барања се од занаетчии.
Најчест услов кој апликантите не го исполнуваат е поврзан со барањето за капиталот во билансните позиции за 2019 година. Имено, 88 кредитни барања имале негативен износ на капитал во билансите, 72 кредитни барања биле поднесени од апликанти кои не се опфатени со Јавниот повик, односно не се микро или мало трговско друштво, трговец-поединец или занаетчија. Досега, 32 од неодобрените кредитни барања се заради недоволен капитал и резерви, 19 заради неприфатлива кредитна категорија, 6 отсто се поголеми субјекти од опфатот на Јавниот повик.
-Вкупно 15 кредитни барања се поднесени од апликанти кај кои не е исполнет условот од 20 отсто пад на приходите, додека 11 кредитни барања се поднесени од нови субјекти. Апликантите за чии кредитни барања е утврдено дека не ги исполнуваат условите од Јавниот повик се известени електронски, по пат на е-маил, со образложение кои услови на Јавниот повик не ги исполнуваат. Известувања по електронски пат, преку е-маил, се испратени и до апликантите чии кредитни барања се одобрени, а за кои е утврдено дека ги исполнуваат условите од Јавниот повик, информира Развојната банка на Северна Македонија.


