Од што се состои платата?
Сигурно голем дел од работниците се прашуваат од кои компоненти се состои платата. Асоцијацијата за правно – економски истражувња „Јуридика“ на својата фејсбук страница пишува токму на оваа тема.
„Работникот за извршување на своите работни задачи има право на заработувачка – плата, согласно закон, колективен договор и договор за вработување. Плаќањето на работата по договорот за вработување мора секогаш да биде во парична форма“, велат од „Јуридика“.
Во фејсбук статусот посочуваат дека при исплатата, работодавачот е должен да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон кој неспоредно го обврзува работодвачот.
„Платата како таква е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено. Работодавачот може на работникот да му исплати 13-та плата, доколку, се разбира, работодавачот има можност да ја исплати“, наведуваат од „Јуридика“.
Основната плата се определува земајќи ги предвид барањата на работното место, за кое работникот го склучил договорот за вработување. Работната успешност на работникот се определува пак земајќи ги предвид домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата, за која работникот го склучил договорот за вработување. Додатоците се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, работа на дежурство, согласно закон, продолжена работа, работа во ден на неделен одмор, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж, истаканаа од „Јуридика“.

