Занимливости

Откриена атмосфера околу ситниот објект зад Плутон. Не би требало да постои

Астрономите по првпат откриле тенка атмосфера околу ситно небеско тело во надворешниот дел на Сончевиот систем, објект за кои досега се сметало дека е премал за да може да го има.

Неочекуваното откритие, објавено во магазинот Nature Astronomy, би можело да го промени разбирањето за формирање и задржување на атмосферата околу мали објекти и да понуди нов поглед на телата во Куперовиот појас, пишува CNN.

Кајперовиот појас, сместен на работ од нашиот Сончев систем, е дом на илјадници замрзнати, карпести тела познати како транснептунски објекти (ТНО), кои ги претставуваат остатоците од времето на формирање на системот пред 4,5 милијарди години. Овие објекти се нарекуваат транснептунски бидејќи се наоѓаат зад орбитата на Нептун, а најголем меѓу нив е џуџестата планета Плутон.

Поради ниски температури и слаба гравитација, астрономите долго време верувале дека помалите тела не се способни да ја задржат атмосферата. Плутон, со својата тенка атмосфера, бил познат исклучок. Од друга страна, се чини дека џуџестите планети Ерис, Хаумеа, Макемаке и кандидатот за џуџеста планета Куаор, кои после Плутон се најголеми ТНО – и, немаат атмосфера.

Токму затоа откритието на јапонските астрономи, предводени од доктор Коом Аримацу од Националната астрономска опсерваторија на Јапонија, е толку значајно. Набљудувајќи го ТНО-то познато како (612533) 2002 XV93, воочиле тенок атмосферски слој. Додека Плутон има радиус од 2377 километри, 2002 XV93 е широк само околу 500 километри, што откритието го прави уште поизненадувачко.

Можност што промени сè

Аримацу и неговите колеги ја искористиле ретката можност во јануари 2024 година, кога 2002 XV93 требало да помине пред една сјајна ѕвезда, гледано од Јапонија.

Ваквите настани, познати како ѕвездени окултации, даваат единствена можност за проучување на големината, обликот и други својства на далечни објекти. Истражувачите поставиле набљудувачки станици на три локации низ Јапонија, користејќи опсерватории во Кјото и префектурата Нагано, како и телескоп управуван од граѓани-научници во Фукушима.

Додека 2002 XV93 се движел пред ѕвездата, нејзината светлина не исчезнала нагло и повторно се појавила, како што би било случај ако објектот нема атмосфера. Наместо тоа, светлината постепено слабела, што укажувало на постоење на атмосферски слој кој ја прекршува светлината.

„Податоците од набљудувањето покажаа постепена промена на сјајот на ѕвездата близу работ на сенката, која траеше околу 1,5 секунди“, објаснил Аримацу.
„Таквата постепена промена природно се објаснува ако светлината на ѕвездата била прекршена поради многу тенка атмосфера околу објектот.“

Истражувачите пресметале дека атмосферата на објектот 2002 XV93 е приближно 5 до 10 милиони пати поретка од Земјината. Постојат две главни претпоставки за нејзиното настанување. Таа можела да се формира како резултат на криовулкани на ова мало, ледено тело, кои ослободуваат гасови како метан, азот или јаглерод моноксид од неговата внатрешност.
Другата можност е дека друг објект од Кајперовиот појас, како комета, удрил во 2002 XV93 и така ослободил гасови под површината. Ако атмосферата настанала поради удар, таа би можела да трае само неколку стотици години, смета Аримацу. Но ако редовната криовулканска активност ја обновува, би можела да трае значително подолго.

Што понатаму?

Идните набљудувања на објектот 2002 XV93, било преку нови ѕвездени окултации или со користење на моќниот вселенски телескоп Џејмс Веб, ќе им помогнат на астрономите подобро да ја разберат природата на оваа атмосфера, нејзиниот состав и потекло.

„Ако идните набљудувања на окултациите покажат континуиран пад на притисокот, тоа би укажувало на краткотраен удар како причина за настанувањето“, рекол Аримацу. Телескопот Веб исто така би можел да детектира емисии на метан или јаглерод моноксид и така прецизно да го утврди составот на атмосферата.

Тимот на Аримацу ќе продолжи со потрагата по атмосфери околу други транснептунски објекти за да утврди дали 2002 XV93 е реток исклучок или и други слични мали објекти имаат атмосфери.

„Беше возбудливо да се чита за ова откритие“, изјавил д-р Скот С. Шепард, научник од Институтот за наука Карнеги во Вашингтон, кој не учествувал во истражувањето. „Се сметаше дека објекти како 2002 XV93 се премали за да имаат атмосфера, но овој резултат покажува дека тоа не е точно.“

Шепард, кој се занимава со проучување и откривање на транснептунски објекти, истакнал дека откритието укажува и на неодамнешна активност на објектот 2002 XV93, било да станува збор за ерупција на замрзнати гасови или последици од удар.

„Ова покажува дека Кајперовиот појас не е ладно, мртво место, туку дека врие од активност и содржи бројни основни елементи за живот“, заклучил Шепард.

Извор: Index.hr