Панел дискусија “Индустрија во криза: Предизвиците на текстилната индустрија пред и по кризата со КОВИД-19”
Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, во соработка со Здружението Гласен текстилец, во рамките на проектот “Одговор на социо-економските ефекти од КОВИД-19 преку поддршка на ранивите групи на ниско-платени работници, работници кои се дел од неформалната економија и привремено вработени работници”, финансиран од Фондација Отворено Општество – Македонија, во текот на изминатата година спроведе низа на активности за мерење на ефектите од спроведените мерки за справување со последиците од пандемијата предизвикана од КОВИД-19 во текстилната индустрија, како и за положбата на една од најпогодените групи, текстилните работници и работнички.
Фокусот на проектот беше ставен на анализирање на постоечките мерки за намалување на последиците од пандемијата и нивната искористеност. Завршните наоди од истражувањето ќе бидат прикажани на промотивниот настан кој ќе се одржи на 6 јули 2021 г. (вторник), со почеток во 11 часот, онлајн преку каналот на ЗМАИ на платформата YouTube.
Покрај презентацијата на студијата, за време на настанот предвидена е и панел дискусија со претставници на засегнатите страни и институциите кои се директно задолжени за спроведување на мерките за справување со последиците од пандемијата врз текстилната индустрија. Покрај претставници на ЗМАИ и Фондацијата Отворено Општество Македонија, како говорници присутни ќе бидат и Директорката на Државен инспекторат за труд, м-р Јована Тренчевска, Претседателот на Синдикатот за текстилна, кожарна и чевларска индустрија, г-дин Љупчо Радовски, Претседателката на Текстилен кластер, г-ѓа Мирјана и Извршната директорка на Гласен Текстилец, г-ѓа Кристина Ампева.

