ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Платите на просветните работници во Македонија повторно на дното во регионот, зад нас е само Албанија

Платите на просветните работници во регионот, освен во Албанија се над просечната плата, додека во Македонија и покрај последното покачување во јануари од 10 %, платите на просветните работници се под просечната плата. 

Платите на просветните работници во регионот споредени со просечните плати 

Платите на просветните работници во Србија се околу 557 евра, додека просечната плата се движи околу 512, па оттаму платите на просветните работници се поголеми од просечната плата за 8.78%. Во Босна и Херцеговина, просветните работници земаат плата во висина од 666 евра, а просечната плата изнесува 492 евра и со тоа нивните плати се за 35.36 % поголеми од просечната плата во државата. Во Хрватска, платите на просвените работници се движат околу 970 евра, а просечната плата изнеусва 890 евра, со што платите коишт ги примаат просветните работници се за 8.98% поголеми од просечната плата. 

Просветните работници во Црна Гора земаат околу 717 евра плата, додека просечната плата во државата изнесува 525 евра. Платите кои ги земаат просветните работници се за 35.57% поголеми од просечната плата. Во Косово, платите на наставниците се движат околу 515 евра, но нема конкретна информација за тоа колку била просечната плата во оваа држава. Во Албанија е слична ситуацијата како во Македонија, односно платите на просветните работници се помали од просечната плата. Просветните работници во оваа држава земаат околку 527 евра плата, додека просечната е 811 евра и со тоа, таа е за 35.01% поголема од платата на просветните работници. 

Платите на просветните работници во Бугарија изнесуваат 756 евра, а просечната плата во државата е 751 евра. Платите на просветните работници во Бугарија се за 0,66 % поголеми од просечната плата. Во Грција, платите на просветните работници се движат околу 1,125 евра, додека просечната плата е 1,116 евра, со што нивните плати се за 0,80% поголеми од просечната плата.

Во Македонија, со последното покачување од 10%, просветните работници земаат 401 евра плата, додека просечната плата за ноември месец 2020 година изнесува 447 евра, според податоците на Државниот завод за статистика. Платите на просветните работници во Македонија се за 10,29 % помали од просечната плата. 

Може да се забележи дека Македонија ја има надминато само Албанија во соодност плата на просветни работници – просечна плата, со тоа што јазот во Албанија помеѓу платите на просветните работници и просечната плата е поголем, од тој во Македонија. 

Бобан Илијевски