Плати над 1.000 евра: Еве колку заработуваат сезонците во Хрватска
Во пресрет на врвот на туристичката сезона на хрватското крајбрежје, во угостителството и туризмот сè уште се активни околу 2.000 огласи за работа, при што просечната нето плата изнесува околу 1.250 евра, што претставува зголемување од 9 проценти во однос на минатата година, кога просекот бил 1.136 евра.
Според анализата на порталот MojPosao, најбарана професија и оваа сезона е келнер, со просечна плата од 1.178 евра, што претставува раст од 11 проценти. Рецепционерите заработуваат во просек 1.162 евра, што е зголемување од 12,5 проценти, додека собарките и хигиеничарките бележат најголем релативен раст — со просек од 961 евро, или 16 проценти повеќе во однос на лани.
Меѓу најбараните се и пица-мајсторите, кои заработуваат во просек 1.559 евра, што е 14 проценти повеќе отколку претходната сезона, наведува Ален Мрвац од порталот MojPosao за Index.hr.
Најбарани позиции на пазарот се: келнери, бармени, готвачи и собарки, а на кандидатите често им се обезбедуваат сместување и оброци, или пак им се нудат повисоки примања доколку располагаат со сопствено сместување.
На пример, еден луксузен бутик-хотел во Истра бара келнери за à la carte сервис. Висината на платата зависи од годините искуство и дали на кандидатот му е потребен сместувачки капацитет. Така, келнери со најмалку пет години искуство можат да заработат 1.600 евра без сместување, односно 1.300 евра со сместување. За оние со помало искуство, платите се движат од 1.000 до 1.100 евра.
Бармените во хотелите во Истра имаат слични примања како и нивните колеги во Дубровник, каде платите најчесто се движат од 1.200 до 1.400 евра месечно. Еден самостоен готвач во ресторан во Дубровник може да заработи и до 2.000–2.500 евра, во зависност од искуството и компетенциите.
Се бара работно искуство, одлично познавање на англискиот јазик, но се повеќе работодавачите како услов го наведуваат и задолжителното познавање на хрватскиот јазик, поради растечката потреба за странска работна сила.
За оваа туристичка сезона, во Хрватска се издадени околу 50.000 работни дозволи во туризмот, од кои 34.000 се новоодобрени, а 17.000 се продолжени од минатата година.
Извор: b92.net

