Повеќе од еден милион слободни работни места само во Германија: Кои земји најмногу бараат работници?
Невработеноста и недостигот на работна сила претставуваат сериозен предизвик во Европа. Иако милиони луѓе бараат работа, милиони работни места сè уште остануваат непополнети.
Според податоците на Евростат, во вториот квартал од 2025 година во Германија имало повеќе од 1 милион слободни работни места, во Велика Британија околу 781.000, а во Франција повеќе од 500.000.
Што е „слободно работно место“?
Слободно работно место се дефинира како платена позиција што е нова, непополнета или наскоро ќе се испразни, а за која работодавачот активно бара кандидат надвор од своето претпријатие.
При пресметување на стапката на слободни работни места (Job Vacancy Rate – JVR) се земаат предвид и пополнетите и слободните позиции. На пример, стапка од 3% значи дека од 100 позиции, 97 се пополнети, а 3 се празни.
Во вториот квартал од 2025 година, просечната стапка во ЕУ изнесувала 2,1%, што е пад од 2,2% во првиот квартал и од 2,4% во истиот период лани.
Каде е највисока, а каде најниска стапката?
Разликите меѓу земјите се големи – од 0,6% во Романија до 4,2% во Холандија. Висока побарувачка за работници има и во Белгија (4,1%), Австрија и Норвешка (по 3,4%), како и на Малта (3%).
Од друга страна, по Романија, најниска стапка бележат Шпанија и Полска (0,8%), Бугарија (0,9%) и Турција и Словачка (1,1%).
Во Германија и Франција стапката изнесува 2,5%, над просекот на ЕУ, додека во Италија е 1,7%.
Каде има најмногу слободни работни места?
Германија е апсолутен лидер со 1,05 милиони слободни работни места. По неа следат:
- Велика Британија – 781.000
- Франција – 504.000
- Холандија – 400.000
- Турција – 206.000
- Белгија – 170.000
- Австрија – 148.000
- Шпанија – 145.000
- Шведска – 113.000
- Норвешка – 107.000
- Полска – 101.000
Најмал број слободни работни места има во Исланд (5.000), Луксембург (7.000), Малта (8.000) и Македонија (10.000).
Недостиг од вештини
Експертите предупредуваат дека проблемот не е само во бројот на работни места, туку и во непоклопувањето на понудата и побарувачката.
Истражувањето на ManpowerGroup од 2023 година покажало дека 75% од работодавачите во 21 европска земја не можат да најдат кандидати со соодветни вештини. Тоа е огромен раст во однос на 2018 година, кога овој процент изнесувал 42.
Најголеми потешкотии во пронаоѓање квалификувани работници бележат Германија и Грција (по 82%).
Слично на тоа, Евробарометар кон крајот на 2023 година покажа дека 54% од малите и средните претпријатија во ЕУ го сметаат недостигот од вештини за еден од трите најголеми предизвици.
Извор: Euronews / EUpravo zato

