ПравдаСветот на работникот

Правници тврдат дека на работниците кои би работеле во недела ќе им се намалат основиците, Владата вели тоа е противзаконски

Пишува: Бобан Илијевски

За недела како неработен ден се дискутира веќе долго време и додека надлежните велат дека со ова законско решение работниците ќе бидат повеќе заштитени, одредени синдикати, здруженија за заштита на работничките права и правници имаат поинакво мислење.

Претседателот на Движењето за социјална правда „Обединети Работници“ и правник, Бобан Кочовски за порталот Работник вели дека самото носење на нов Закон за работните односи ќе значи дека проектот недела како неработен ден, којшто е амандманска измена од 2005 година, ќе „падне во вода“.

Бобан Кочовски – Работник

Според него постојат неколку сценарија коишто можат да се случат во однос на ова законско решение.

Едното од нив е во новиот законски текст, којшто се најавува дека ќе биде донесен на почетокот од следната година, да биде вметнат проектот недела како неработен ден, но тоа ќе значи, како што вели Кочовски дека во изминатиот период од година – две, се вршела обична манипулација со работниците дека ќе биде донесена амандманска промена на моменталниот закон и тоа ќе покаже дека единствено нешто што се правело се манипулации.

Другото сценарио, вели Кочовски, е да се донесе нов Закон за работни односи, притоа претходно да се измени амандманската промена на проектот недела како неработен ден и истата да не биде предвидена во новиот законски текст, каде што самиот проект ќе има важност краток период и повторно ќе се види дека е правена само обична манипулација.

Третото сценарио, за коешто вели дека има мала шанса да се случи – да се извршат амандмански промени на постоечкиот закон за работни односи, да не биде донесен нов закон и тука да остане во важност недела како неработен ден, но и да се направат нови промени.

Кочовски истакна дека не знае што ќе се случи во пракса, бидејќи процесот се држи во тајност.

 „Не се вклучени голем број од синдикатите и здруженијата на граѓани, туку само мала група на луѓе и останува да се види каков законски текст ќе биде пуштен во собраниска процедура, во која форма ќе се пушти проектот недела како неработен ден и во која форма ќе се пушти новиот потенцијален Закон за работни односи“, вели Кочовски.

Порталот Работник побара коментар од Владата во однос на горенаведените тврдења.

Иницијативата за недела да биде неработен ден, која е произлезена од синдикатите, велат од Владата, е од преговорите за новиот Закон за работните односи, нагласувајќи дека сите заеднички препознале дека ова решение е потребно да се усвои преку Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи и истото како такво, поради значењето за работниците се донесува пред носењето на новиот Закон за работни односи, на чие изготвување работат социјалните партнери.

Влада на РСМ – Работник

Се разбира дека овие измени и дополнувања на постоечкиот Закон за работните односи, како такви ќе станат дел од новиот Закон за работните односи во кој, покрај ова прашање, ќе бидат решени и голем број на други прашања на кои укажуваат и синдикатите и работодавачите, како намалување на времето на договорите за вработување на определено време, породилното отсуство и сл.“, велат од Владата.

„Не недела неработен, туку недела по платен ден“

Кочовски смета дека со оглед на тоа дека во законското решение за недела како неработен ден е предвидено голем број од дејностите да работат во недела и за тоа да добиваат зголемена дневница дека не се работи за недела како неработен ден, туку по платен ден.

Се се‘ сведува на тоа дека проектот недела како неработен ден всушност не е проект за неработење во денот недела, туку се работи за недела по платен работен ден, поради тоа што голем дел од работниците ќе работат на овој ден“, објаснува Кочовски.

На барањето за коментар во однос на ова прашање, од Владата одговорија дека според анализите кои ги прават надлежните министерства, во недела ќе работат околу 8 % од работниците и за нивниот ангажман ќе бидат платени со дополнителни најмалку 50 % зголемена дневница, притоа потенцираа дека вработените во трговските центри ќе земаат зголемена дневница за 100 %, додека останатите 92 % од работниците ќе имаат време да се одморат, да се посветат на семејствата, да се едуцираат и сл.  

Со ова законско решение исправаме една голема неправда кон работниците, поради тоа што истите до сега за нивниот ангажман и работа во денот недела не беа платени, односно само мал дел на работници во неколку сектори добиваат додаток на платата за работа во недела“, истакнаа од Владата, додавајќи дека вреднувањето на трудот и соодветното плаќање на истиот е еден од приоритетите на Владата.

„Би можеле да се намалат основиците на платите на оние кои ќе работат во недела“

Информациите коишто Бобан Кочовски ги добил од страна на одредени работодавачи, како што вели, укажуваат на тоа дека тие може да извршат своевидно изигрување на целиот проект – да ги намалат основиците на платите.

Тие технички ќе го испочитуваат новиот проект каде што ќе се плаќа поголема дневница, но на крајот ќе исплаќаат иста плата како претходно и со тоа ќе бидат оштетени само работниците. Законското решение нема тежина бидејќи не е правено во интерес на работниците, туку е само манипулација за добивање на политички поени“, вели Кочовски.

Од Владата уверуваат дека не постои можност основната плата на работниците кои ќе работат во недела да се намали.

Пари – Работник

Согласно важечките прописи од трудовото право, не постои можност, основната плата на работниците кои ќе работат во недела да биде намалена. Сите измени на условите за работа, вклучително и платата се вршат со анекс на договорот за вработување кој е двостран акт и кој треба да биде потпишан и од страна на работникот и од страна на работодавачот, па така, не е законски работодавачите да ги намалат основиците и така работниците да работат за иста плата“, потенцираат од Владата.

Побаравме од Владата коментар и за тврдењето на Левица дека преку законското решение се сака да се протуркаат одредби со кои ќе се одреди 2 % од прометот на компаниите кои ќе работат за време на викенд и празници да одат во буџетот, на што од Владата порачаа дека наместо коментари за собирање ситни политички поени, политичките партии час поскоро да ги усвојат законските измени што се однесуваат на недела неработен ден, зашто се од интерес на работниците.