„Претприемачите не чекаат на државата, туку работат на реализција на своите идеи“
Бобан Илијевски
Успешните претприемачи велат дека за да еден човек биде успешен претприемач, прво треба да изгради мајндсет или начин на размислување на успешен претприемач. Сепак, тука се поставува прашањето: како да се изгради овој начин на размислување?
Одговорот на истото го даде долгогодишниот македонски претприемач Зоран Витанов, кој беше мој гостин во првата епизода од Работник Подкаст.
Витанов истакна дека има многу работи кои треба да се направат, притоа додаде дека првото нешто што треба да се направи е да се следат успешни претприемачи и да се види што истите препорачуваат да се направи.
Доколку сакате да сте претприемач, многу е важно да не ги слушате вашите роднини, пријатели и соседи. Зошто? Затоа што можеби тие најверојатно, во 90 % од случаите не се претприемачи, а 10 % кои се претприемачи, најверојатно не се успешни. Поради тоа, многу е важно кого слушате, рече Витанов.
Тој посочи дека потребна е и многу работа на себе, објаснувајќи дека претприемачот е човек којшто има т.н. „интерен лопус на контрола“. Тоа, како што вели, значи дека тој е свесен оти се зависи од него и дека не важна околината во којашто делува – таа е секогаш пријателски настроена, бидејќи е несовршена и со тоа нуди можност претприемачот да понуди решение. Претприемач, додава тој, е оној кој нуди решение во несовршената околина.
Се што не чини за претприемачот е шанса, но доколку луѓето немаат интерен лопус на контрола, ако имаат екстерен лопус на контрола, тогаш тие веруваат дека тие се добри, нема што да се подобруваат, а околината не чини. Тие луѓе престануваат да работат на себе. Тоа се луѓе коишто имаат мајндсет на вработен човек. Тој не верува дека може сам и се наклонува кон линијата на помал отпор, односно се вработува. Претприемачот е човек којшто не работи на туѓи идеи, туку работи на реализација на своите идеи. Претприемачот е човек којшто знае дека ако не работи на своите идеи, ќе биде ангажиран од претприемачи за да работи на нивните“, вели Витанов.
За да оствари резултат, појасни тој, претприемачот треба самиот да се подобри, бидејќи тој е човек којшто работи на своите слаби страни.
Свесен е дека ги има и свесен е дека неговите силни страни не се најдобри и ги усовршува, а околината секогаш ја гледа како шанса, која, тој ако се унапреди и ако стекне нови вештини и нови знаења ќе ја направи подобра, истакна Витанов.
Непретприемчивите луѓе, рече тој, се оние кои не ги гледаат своите слаби страни и мислат дека знаат, осврнувајќи се на еден пример со некои од неговите другари кои и на 50 годишна возраст велат дека го направиле своето со тоа што дипломирале, па прашуваат каде е државата да ги вработи.
Витанов констатира дека тоа се луѓе коишто немаат интерен лопус на контрола. Очекуваат некој да дојде и да мисли и нешто да направи за нив. Дополни дека тоа е лага којашто останала од колективното социјалистичко убедување и праша: Кој е тој што ќе мисли за мене освен јас?
Јас и сите ние не сме дојдени на оваа планета за да некој друг мисли на нас, туку обратно, ние да мислиме на себе и да придонесуваме и да даваме.
Целосната епизода можете да ја погледнете тука

