Продолжува караванот за вакцинација против КОВИД-19, од наредната недела се очекува олеснување на дел од мерките
Продолжуваат активностите околу караванот за промоција на вакцината против коронавирусот. Вчера караванот беше организиран на Градскиот плоштад во Струмица, а денеска продолжува во Општина Ново Село.
Овој караван се спроведува со цел да ја промовира вакцината против вирусот како начин на сигурна имунизација на сите граѓани, особено на оние места низ земјава, каде е ниско нивото на заинтересираност.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во текот на вчерашниот ден регистрирани се 281 нови случаи на КОВИД-19, од кои 48 се реинфекции. Оздравени се 285, а починати се три лица.
Најголем број активни случаи има во Скопје – 1132, Битола – 148 и Прилеп – 103, додека останатите градови имаат двоцифрен број на позитивни случаи. Во Пехчево и Дојран во моментов нема лица позитивни на вирусот.
Досега во земјата се направени вкупно 1.946.588 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 304.326, бројот на оздравени пациенти е 293.171, на починати е 9.191, а бројот на активни случаи изнесува 1.964.

