СВЕСТА Е ПОГОЛЕМА ОД ПОРАНО, НО СЕ‘ УШТЕ СЕ ПРЕКРШУВААТ РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА НА ЖЕНИТЕ; НЕ ФУНЦКИОНИРА НИТУ ПРАВНАТА ДРЖАВА“, ВЕЛИ АМПЕВА (ИНТЕРВЈУ)
По повод 8-ми март- Меѓународниот ден на жената, редакцијата на порталот Работник направи интервју со Претседателката на здружението „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева.
Со нашата соговорничка разговавме за тоа каква е состојбата не жените на пазарот на труд во Македонија, на што се должи јазот во вработеноста и во платите, каква е состојбата со почитувањето на работничките права во текстилниот сектор… Со неа разговараше Бобан Илијевски.
Работник: Како ја оценувате општата состојба на жените на пазарот на труд во Македонија?
Ампева: Иако навидум се гледаше некое подобрување преку притисоци за пораст на плати, како и недостатокот на работници и проблем со иселување на млад работоспособен кадар, сепак како да не е доволно тоа за државата и работодавачите (голем процент од нив) да поработат заеднички оваа слика да се подобри. А тоа е лесно и требало да се размислува многу поодамна за сега да не ни биде државната стратегија “увоз на работници”, посебно поради тоа што уште од 2018-та и ние како здружение укажувавме на потребата од подобри, похрабри и долгорочни политики за зголемен стандард на работниците, конкурентноста на пазарот на труд, сериозна борба со сивата економија и пред сѐ, подобри услови и почитување на работничките права особено на жените вработени во приватниот сектор.
Работник: Податоците на Државниот завод за статистика за вкупниот број на вработени во третото тримесечје од 2022 велат дека тогаш бројот на вработени мажи изнесувал 57,7 %, а кај жените 42,3%. На што според Вас се должи овој јаз во вработеноста помеѓу мажите и жените?
Ампева: Од корона кризата која траеше 2 години, жените се соочија со незаконски откази, со непродолжени договори, останаа без работа поради тоа што беа бремени, имаа деца до 10 години, па ден денес тие работни места кои работодавачите ги ослободија во тој период, не можат да се пополнат така лесно. Дел од тие жени користат некое од правата и мерките за надомест при привремена невработеност, дел се иселени, а и не се активни веќе на пазарот на труд. Ова е и изненадувачки мала разлика во вработеноста со оглед на овие глобални турбуленции предизвикани од разни кризи од 2020 година и несовесен пристап на работодавачите кон работниците во време на економски кризи. Да напоменам, секоја чест на исклучоците на општествено одговорни работодавачи и фирми.

Работник: Јазот во платите помеѓу мажите и жените е уште една болна точка. Споредбата на податоците на ДЗС покажува дека многу е поголем процентот на мажи кои земаат повисоки плати од тој кај жените. Според Вас, што е потребно за да се промени овој тренд, односно да се постигне еднаквост во платите помеѓу мажите и жените?
Ампева: Исто, глобален проблем и за жал и покрај толку синдикални движења, истражувања, укажувања, закони за родова еднаквост и наводно залагање на владите во државите, вклучително и нашата со реторики за родова еднаквост, а сепак ништо не се случува и гапот (разликата) во плаќањето за иста работа кај мажи и жени останува. Нема да коментирам за други земји, за други влади и политики, ќе ја земам нашата влада или локалните самоуправи и родовата застапеност и ќе прашам: колку жени министерки имаме, колку директорки на јавни институции имаме, колку градоначалнички имаме? Ние ни во јавните институции, во самата влада немаме жени на раководни функции, а очекуваме тоа да се почитува во приватниот сектор? Или пак еве во синдикатите. Сите претседатели на синдикати се мажи, а жените се секратарките во синдикатот. Истите оние кои глумат за еднакво плаќање, почитување на женски права, дискриминација, немаат ни во своите редови и организации со децении жена на чело на синдикат. Значи збориме за функции и застапеност, а што останува за плаќањето? Џабе ни се сите конвенции, закони за родова еднаквост кога оние кои ги носат не ги имплементираат во своите редови. Па јас би рекла, лицемерие и лажна реторика за некаква си родова еднаквост од страна на оние кои се носители на одлуки, имплементатори и носители на закони.

Работник: 80 % од жените, според податоците на независната истражувачка организација „Реактор“, се вработени во трудово-интензивните дејности (текстилна, кожарска и чевларска), каде што познато е дека многу повеќе се прекршуваат работничките права. Каква е денес состојбата со работничките права на жените работнички во овие дејности?
Ампева: Свеста е на далеку повисоко ниво бидејќи од 2017 има здружение кое ги стави на тапет сите проблеми во овој сектор кои се таложеле 30 години. Започнавме со лобирање за покачување на плата, иницијатива за недела неработен ден, над 400 судски тужби, две кривични пријави од кои едната е докажана судска пресуда за сторено кривично дело лажен стечај. Замислете покрај сите проблеми, сите криминали, сите сведоштва, едно граѓанско здружение за првпат во историјата на Македонија докажа лажен стечај. Не беше лесно, траеше 2 години ама успеавме да докажеме конечно нешто што се случува секојдневно. Охрабрени се работничките, пријавуваат и до нас и до институциите, не се плашат како порано. Дополнително, има недостиг на работници, не само во секторот текстил, туку и во целиот приватен сектор, а нарачките од странски брендови во текстилната индустрија се зголемени. Тоа веќе ги става работничките во поповолна положба да бираат работно место каде сметаат дека ќе се платени согласно закон, со пристојни работни услови и поповолни права. Сепак, во помалите места не е ваква состојбата поради немање на странски и други инвестиции со друг вид на производство, и на некој начин се држи монопол од страна на неколку конфекции врз пазарот на труд со договорени услови меѓу газдите и нудење на исти услови. Така е на пример во Делчево и тоа го напоменувам последно време се почесто. Градоначалникот кој е од владеачката партија треба малку повеќе да се заангажира да привлече инвеститор во градот за да се подобри состојбата на работниците на пазарот на труд и конкуренција. Освен ако нели, нема некаков договор, па состојбата во градот тапка во место со ситни подобрувања, а со тоа само ќе слушаме за иселување од градот и сезонска работа по земјите од ЕУ. Источниот регион станува регион на духови. Има подобрувања, но не секаде. Има сега и друг момент, кој се вика правна држава, пристап до правда, реформи во правосудството и доверба во судскиот систем. Па ќе ги видиме 69 -те работничките во Кавадарци и ќе се сетиме зошто довербата во истите тие судии, обвинители, цел тој систем е фасцинантни едвај 4%. Ќе прочитате дека иако им се должат 3 плати, придонеси и други парични побарувања, после 2 години се носи пресуда која вели, не се во право. Сега треба да платат судски и адвокатски трошоци од некаде над 20.000 евра. Па ќе прочитате изјава на претседател на суд кој вели адвокатката на работничките е виновна за пресудата која е на штета на работнички со 3 неисплатени плати, а не коментира апсолутно ништо за барањата кои биле поднесени до него како претседател на суд за незадоволство од судијката во предметот од страна на работничките и нејзино изземање; не коментира ниту на барање, повторно од работничкиите, за судење во разумни рокови бидејќи еве читаме колку време траела постапката. Тој коментира дека давале совети и тој и обвинителот на работничките, ама не кажува зошто јавниот обвинител сметал дека треба да отфрли кривична пријава по членови од Кривичен законик за прекршувања на права од работен однос, и друг член по Кз за прекршување на права од социјално осигурување. Не коментира ни дека имало барања и до Совет на судии и јавни обвинители, ама вели адвокатката манипулира со јавноста и работничките. Ама почитуваната Ременски професорка на правен, сподели многу добра забелешка на нејзината фб страна каде упатува на “премолчената грешка”, од страна на господата во судот, како и дека во духот на судската обврска и поука за социјална правда требало да направат нешто за оштетените работници од конфекцијата СО-НИ. Сега се двојно, далеку пооштетени од страна на нашето судство. Најмалку има право да дава изјави сега. Исто интересна е целата ангажирана армија од страна на разни налогодавачи, кои упатуваат едногласно на сомнеж на адвокатката и нејзина манипулација со работничките и јавноста. Но тоа не е се. Армијата упатува и дека јас и здружението Гласен Текстилец ги манипулираме јавноста и работничките и се испитува нашата вклученост во процесот и протестот кој се одржа минатата недела пред Основен суд Кавадарци. На некој му гори под нозе бидејќи имало нечесни игри, разни играчи, а јас нема да запрам додека не ја добијам правдата во име на работниците, но и ги испитам и обновам постапките на сите кои биле запознаени со случајот а не постапиле или постапиле на нивна штета. И сега знам дека не им е сеедно, ама грешката во чекори и штетата од 20.000 евра мене и здружението не однесе во Кавадарци. И сега нема назад. Одиме до крај. А правда ќе има и ќе ја бараме до каде што треба.

Работник: За на крај, што според Вас државата би требало да направи, од една страна, да го стимулира зголемувањето на вработеноста на жените и намалувањето на јазот во платите, а од друга страна, да обезбеди поголемо почитување на нивните работнички права?
Ампева: Подобри заштитни механизми, помалку корупција, доследна имплементација на терен, реформи во судството и закони кои конечно ќе дадат поповолни права за работниците. Забелешките за законот кој е во завршна фаза ги дадовме како здружение. Ќе следиме како се ќе се одвива бидејќи не сме дел од процесите. Добри даночни политики, одржливи, фер и човечни, да прекинат злоупотребата и криминалите со народни пари, фер игра за сите од стопанството и борба против сивата економија. Инаку политиките на властите и реториките ќе бидат “ немаме доволно квалификувана работна сила и ќе овозможиме увоз на работници”. И онака се прашувам, кога нашите работоспособни граѓани ги иселивте и младите си одат веднаш по школувањето, зошто мислите дека ќе ги задржите оние кои ќе ги увезете? Зошто не спречивте туку одите во амбис во кој нѐ носите сите нас? Повеќе стратегија, помалку криминални тендери, фамилијарни бизниси, политички да си делите клучни ресурси и министерства без никакво знаење, него за власт и мир, повеќе имплементација доследна на законите и да не ги штитите компањоните од олигархијата и се ќе биде во ред. Ама тоа нема да се случи бидејќи имаме мирен народ, немаме лидери ни синдикати, па ќе дојде време кога некој од нас што се‘ уште се труди да смени нешто кон подобро, да го исклучи светлото и замине.

