НовостиПравдаСветот на работникот

Сексуалните работници се жалат дека владата ги заборавила за време на пандемијата

   Време за читање 3 минути

Сексуалните работници останаа повторно на маргините, за време на кризата со Ковид-19, останавме исклучени од сите мерки за помош, ги редуциравме нашите услуги за да редуцираме ширење на вирусот, а за возврат добивме социјална шлаканица, соопштија денеска од колективот СТАР – прв колектив на сексуални работници на Балканот.

Од колективот алармираат дека, поради ковид кризата, повеќе од половина од сексуалните работници имаат проблем со плаќањето наменина, додека повеќе од третина се соочуваат со тешкотии во пристапот до здравствени услуги. Сметаат дека државата може да им понуди помош и поддршка во период кога и тие еднакво се засегнати од ковид-пандемијата, како и сите останати работници и родители.

– Бараме Владата да формулира пакет социоекономски мерки со цел таргетирана поддршка во нашата заедница, да ни се овозможи континуиран пристап до квалитетни здравствени услуги, да бидеме вклучени во процесите на креирање политика за време на пандемијата, подеднакво уживање на работничките права, полесен пристап до социјална помош, како и надминување на дискриминацијата и неправдата која е присутна во нашата заедница од повеќе аспекти, информираат од СТАР.

Проблемите со кои се соочуваат сексуалните работници во време на пандемија, беа истакнати на денешното излагање со кое под мотото „НИЕ”, сексуалните работници, здружени во СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот и нивните поддржувачи ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини, и оваа година, по 13-ти пат, се приклучија кон глобалното одбележување на 17-ти декември – Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.

Оваа година, сексуалните работници се откажаа од марширањето со црвени чадори со цел спречување на ширење на ковид вирусот.

Скопје како Амстердам: Девојките од излозите над Универзална го „запалија“ Скопје

Со тричасовен перформанс во Универзална сала, сексуалните работнички го донесоа Амстердам во Скопје, а целта на овој перформанс е да се зголеми свеста за сексуалната работа.

Со еротски танц под црвено светло, пет сексуални работнички вечерва од излози над влезот на Универзална сала ја забавуваа насобраната публика која имаше што да види.

Годинашнава кампања е насловена како „Ние“, и предводена од Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-Стар“.

„Скопје Ред Лајт дистрикт“ се одржува вторпат, првиот беше во 2017 година. Се враќаме по три години во пооригинално светло. Ова е уметнички перформанс кој има за цел да го отслика шармот и духот на улицата на црвените фенери во Амсtердам. Со овој уметнички перформанс, се бориме да покажеме дека и сексуалната работа е работа, сексуалните рабoтници се работници и треба да бидат прифатени како такви“, вели Борче Манев–Божинов од „Стар стар“.

Тој нагласи дека ова е уметнички перформанс, култура. Не значи дека девојките на излог нудат сексуални услуги.

„Тие се сексуални работнички, но нивната улога е на скопјани да им се покажат, да се запознаат. Девојките на излогот се во улога на уметници“, објасни Манев – Божинов.