ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Сликата за невработеноста во Македонија не е како што се претставува, а еве и зошто

Ова е многу важно прашање и треба да се подигне на повисоко ниво. Јас мислам дека и Владата е свесна за тоа, но сѐ уште нема храброст да започне со такви промени, рече Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија во видео интервју за порталот Работник.

 

Прашањето кое му беше упатено беше за тоа дали во Македонија е потребен сличен систем како германскиот за преквалификација на невработените.

Инаку, во Германија, невработениот прво добива надоместок за невработеност во времетраење од три месеци, додека Агенцијата за вработување му бара работа согласно неговите квалификации. Доколку не успее да му најде работа во тој период, надоместокот му го продолжува уште шест месеци, притоа го обврзува да се преквалификува. Ако невработениот не го направи тоа во дадениот рок, надоместокот му престанува.

„Сериозноста на прашањето произлегува од тоа да не се залажуваме дека имаме 106 илјади или 110 илјади невработени лица, а во суштина ако отидеш во Агенцијата за вработување да побараш, работници нема“, вели Димитров.

А и кога ќе ги повикаат примателите на социјална помош да се пријават на огласите, тие не се јавуваат, додаде тој.

„Факт е дека ние имаме искривена слика за тоа. Во нашата бројка на невработени влегуваат луѓе кои се иселени, луѓе кои работат на црно, особено социјалци кои работат на црно, затоа што се плашат дека ќе им биде скратена социјалната помош“, вели Димитров.

Затоа, како што вели, и кај нас е потребно да се воведат слични мерки како тие во Германија, што значи дека ако некој се води како социјален случај, одбие да работи, да не може социјалната помош вечно да ја зема.

„Јас сум свесен дека тоа особено се прави во семејствата. Ако синот стане работоспособен или сака да се вработи, таткото му вели да не се вработува официјално, бидејќи ќе ја изгубат социјалната помош, па тој мора да работи на црно, што ѝ носи други негативности на државата, како помалку придонеси и даноци“, посочи Димитров.

Мора да се очисти списокот на невработени, да се отстранат оние што работат на црно, оние кои се задоволни со социјалната помош и иселените, за да се знае реалната состојба во државата. Реалната состојба е дека населението старее и дека немаме луѓе, вели Димитров додавајќи дека ако сакаме да ја задржиме економијата на солидно ниво, ќе мора се увезуваат работници.

Преквалификациите и доквалификациите се одлична работа, но многу малку луѓе се јавуваат на тие огласи, што значи дека тие или работат на црно или имаат дипломи за завршено високо образование и бараат работа по струка, па не прифаќаат преквалификација за пониски работни места.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk