СветСветот на работникот

Словенија воведува револуција во пазарот на трудот: 80% работно време, 90% плата и 100% придонеси

Словенечката влада гласаше за измена на Законот за регулирање на пазарот на трудот, којашто претставува вистинска револуција на пазарот на трудот. Работниците над 58 години, како и оние со најмалку 35 години стаж, ќе можат да изберат – да имаат слободен ден во петок, да го продолжат викендот или да работат шест часа на ден.

Моделот, наречен 80-90-100, предвидува 80 проценти работно време, 90 проценти плата и целосни придонеси како да работат 100 проценти. Оваа идеја делумно ги презема искуствата на Исланд, Ирска и Германија, каде што слични модели доведоа до позитивни резултати како што се поголема продуктивност, помалку отсуства од работа и подобра ефикасност.

Пилот-проекти веќе се спроведени во технолошки компании во Словенија, кои покажаа слични резултати.

Словенечкото Министерството за труд соопшти дека доколку промените се покажат како успешни, ќе направи чекор понатаму во либерализацијата на трудовите прописи. До крајот на 2028 година, можни се дополнителни промени – додаток за работа во сабота, задолжителен божиќен бонус за сите вработени и воведување на 38-часовна работна недела.

Амандманот на законот предвидува и зголемување на бенефициите за невработените и учесниците во јавни работи, како и полесен пристап до пазарот на трудот за млади луѓе, студенти и пензионери, но изненадувачки, законот сега ќе им овозможи и на работниците кои се приближуваат кон пензионирање да ги намалат своите работни обврски.