МакедонијаСиндикат

СОНК: За нештата да бидат појасни – НА КОГО МУ ПРЕЧАТ УСПЕСИТЕ НА СОНК?

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков на својот фејсбук профил објави соопштение коешто е потпишано од Советот на СОНК, а во кое истиот објаснува за целата ситуација, постапката за помирување и протестите пред седиштето на Синдикатот.

Во прилог целосното соопштение:

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК е убедливо најголемиот синдикат во државата, во којшто членуваат околу 28000 вработени во детските градинки, основните и средните училишта, високото образование и наука, ученичките и студентските домови, како и во културните установи. Со своето работење во изминатите дваесет години, овој синдикат се наметна во јавноста како можеби еден и единствен синдикат којшто доследно ја реализира својата програма за работа втемелена на правичнa одбрана и зголемување на правата на работниците што ги
застапува. Нема да бидеме нескромни ако споменеме дека за периодот на пандемијата, СОНК беше еден од најгласните што се спротивстави на идејата да се намалат платите во јавниот сектор. Во такви пандемиски услови, СОНК безброј пати даваше предлози за тоа како вработените најбезбедно да ги извршуваат своите работни задачи. СОНК во период од неколку години организираше протести и штрајкови со социјални барања и барања за подигнување на општествениот статус на професијата. СОНК е единствениот синдикат којшто по пат на штрајкови во 2015, 2019 и 2022 година, како и многу години пред тоа, доаѓаше до резултати кои по пат на преговори не беа првично возможни. И оваа година, како и претходните години, СОНК жестоко реагираше на непочитување на Законот за минимална плата и непочитување на одредбата од тој закон со којашто е предвидено
усогласување на платите според колективните договори. Од таа причина, Советот на СОНК, врз основа на писменото изјаснување на синдикалните организации на СОНК, донесе Одлука да влезе во Генерален штрајк во дејностите детска заштита, основно и
средно образование. Освен Барањето за усогласување на платите со минималната плата, беа доставени и други барања со коишто ќе се подигне социјалниот статус на вработените, а коишто ќе се остварат преку колективни договори во дејноста, како и преку
потпишување на спогодба со надлежните за континуирано зголемување на платите во 2023 и 2024 година. По неуспешните преговори во периодот пред отпочнување на штрајкот и преговори за време на штрајкот, СОНК и Владата дојдоа до соодветни
договори коишто беа предмет на усвојување од страна синдикалните организации. Резултатите од изјаснувањето се општо познати. Сега сме во период на помирување по барање на МОН и Известувањето од МТСП, а заради почитување на одредбите од Законот
за мирно решавање на работни спорови, штрајкот е ставен во мирување, до носење на конечна одлука.

Сето претходно изнесено е општо познато и можеби за некого е непотребно укажување или трошење на време. Она што е многу важно да се спомене е обидот на некои ,,наши” членови и вработени во дејноста образование, резултатите од штрајкот и
преговорите да ги претворат во пораз. Имено веќе неколку години на социјалните мрежи се води црна кампања против СОНК, во којашто одредени поединци, најчесто претставувајќи се како бивши членови на СОНК, се обидуваат да ја девалвираат работата
на нашиот синдикат, неретко користејќи и безброј лаги и невистини за нашиот синдикат, за раководството на СОНК, за поединци и членови, а се со цел да се остави впечаток дека СОНК е организација којашто не се грижи за своите членови. Веќе подолг период има и отворена и спонзорирана кампања на два синдикати за образование, коишто деноноќно
упатуваат јавни повици за приклучување кон нивните синдикати. СОНК им подаде рака на сите коишто сметаат дека со своето присуство и учество во штрајкот ќе дадат личен придонес за подобрување на статусот на професијата, со што прифати во процес на штрајк да се приклучат и вработени коишто не се членови на СОНК, односно се членови на други
синдикати. Меѓутоа СОНК нема да дозволи синдикалната политика и штрајкот организиран од членовите на СОНК да го водат други организации, коишто негледајќи ниту во минатото ниту во иднината, се држат исклучиво само до нивните сегашни
интереси. Раководството на СОНК нема да прифати да се бара одговорност од него за резултати коишто до само пред неколку месеци беа мисловна именка. Имено, во март месец некој од другите синдикати ниту помислуваше, ниту имаше иницијатива, желба, енергија, да пристапи кон почеток на отварањето на ,,пандорината кутија” со што конечно ќе отпочне реализација и решавање на проблемот со таканаречената урамниловка, кадешто за различни работни места и различна сложеност на работа се зема иста плата. СОНК храбро влезе во борба за остварување на своите права врз основа на Закон и
Колективен договор и убеден е дека ќе излезе од овој штрајк со многу повеќе отколку што значат процентите, парите и проблемите коишто произлегоа во овој период. Секому треба да биде јасно дека повеќе од 30 синдикати во јавниот сектор на јавно ниво се задскриваат зад активностите на СОНК, а плодовите од работата на СОНК ќе бидат и на трпезата на другите синдикати. Свесни сме за тоа што што го правиме и даваме жртва за другите синдикати, коишто во најголем дел се неми набљудувачи, но за жал има и такви коишто многу јавно и транспарентно работат отворено против СОНК. Ние сме убедени дека и најголемиот успех на СОНК тие ќе го претстават како најголем неуспех. Историјата се повторува многупати, односно од периодот на далечната 2005 година кога СОНК излезе од тогашниот сојуз, а потоа и ја формираше Конфедерацијата на слободни синдикати. До денес безброј пати сме се нашле во позиција, без разлика која политичка гарнитура е на власт, да бидеме напаѓани за тоа што го правиме како синдикат. Многу малку може да се потсетиме кој синдикат, освен СОНК, правел штрајкови за подигнување на социјалните,
работните и други права на работниците и овој непобитен факт за многумина не е прифатлив. Од тие и од многу други причини, на СОНК му се препишуваат етикети на која политичка опција и припаѓа, во обид да се дисквалификува синдикалната работа и да
му се припише политичка агенда и дејствување. Многупати досега сме покажале дека за СОНК е важен социјалниот дијалог и партнерство и дека СОНК секогаш ќе биде коректен и конструктивен во однос на изнаоѓање на соодветни решенија за пробемите со
социјалните партнери.

И на крајот, сакаме да им порачаме на оние коишто ,,спонтанo” се собираат пред седиштето на СОНК во Скопје и во другите градови во државата, дека нема да успеат во своите намери да го урнисаат досегашното работење на СОНК. Со обидот на нестатутарен и недемократски начин да извршат промена во раководењето на СОНК, прават многу
поголема штета на себеси и на дејностa од којашто доаѓаат, иако мораме дa признаеме дека дел од незадоволните наставници практично и никогаш не биле наставници.

Совет на СОНК