СОНК: Работното време во градинките да биде согласно Законот за заштита на деца и Колективниот договор
Работното време на воспитувачиките и негувателите било тема на денешната прва средба помеѓу Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, Јаким Неделков и Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
„Министерката се залага за полно осумчасовно работно време, според Законот за работни односи, а ние се повикавме на Законот за детска заштита и Колкетивниот договор каде што точно е утврдено колку часови следуваат на работата со деца, додека другите часови се планирани за други програмски активности“, вели Неделков.
Тој истакна дека не нашле заедничко решение во однос на овој проблем. Според него, Министерката стоела на ставот дека во услови на пандемија треба сите да бидат општествено одговорни и максимално да се залагаат за своите работни места, на што СОНК не се согласува.
„Ние се повикуваме на конкретниот Закон и Колективен договор и врз основа на реакции на нашите членови, би апелирале директорите да ги корегираат нивните наредби и да не вршат притисок врз вработените да работат осумчасовно работно време со деца“, вели Неделков.
Во спротивно, наведе Неделков, СОНК ќе биде принуден да преземе мерки за заштита на правата на вработените во детските градинки.
Имено, Министерката Шахпаска при посетата на градинката „Буба Мара“ во Општина Аердром, рече дека директорите на градинките треба да го менаџираат процесот на работното време во градинките и на кој начин тоа ќе биде.
„Наша цел е да го обезбедиме безбедни услови за децата, да не биде загрозен работниот процес на родителите, а и сите вработени во градинките, како и сите други работници, согласно Законот за работни односи имаат осумчасовен работен ден, односно четриесет часовна работна недела. Им оставам на директорите да го изменаџираат процесот“, рече Шахпаска.
Бобан Илијевски

