СПМ: Нашата должност како полициски службеници е да го препознаеме насилството и да реагираме
Фејсбук статус на Синдикатот на полиција во Македонија :
„Насилството врз жените претставува директно нарушување на основните човекови права, а како припадници на институциите кои имаат задача да ги штитат граѓаните, нашата одговорност е уште поголема. Како Синдикат на полиција во Македонија, јасно укажуваме дека насилството врз жените и семејното насилство се појавуваат во различни форми и не познаваат граници – присутни се во сите заедници и во сите слоеви на општеството.
Некогаш ова насилство е очигледно, а некогаш е сокриено зад ѕидовите на тишината и стравот. Но без разлика како се манифестира, тоа секогаш остава длабоки последици врз жртвите, семејствата и општеството. Затоа, молкот не смее да биде опција.
Нашата должност, како полициски службеници и како Синдикат, е да го препознаеме насилството, да реагираме навремено, професионално и со целосна посветеност, и да делуваме во заштита на жртвите. Само така можеме да изградиме општество во кое секоја жена ќе биде безбедна, почитувана и заштитена.“

