СПМ ќе поднесе иницијатива за изградба на меморијален споменик за сите македонски борци
Информација за јавноста во врска со иницијативата за изградба на спомен обележје на бранителите од конфликтот 2001 и кумановските настани 2015 поднесена до Градоначалникот и Советот на општина Куманово.
Почитувани,
Синдикат на Полиција во Македонија ја информира јавноста дека изминатата недела остваривме средба со градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски на која што средба побаравме нашата иницијатива за изградба на спомен обележје во општина Куманово да ја ставиме во мирување.
До ваква одлука дојдовме водени од фактот дека на територија на Општина Липково во меѓувреме е изграден монументален споменик со грандиозни големини во чест на паднатите борци на ОНА од воениот конфликт во 2001 којшто кај сите нас генерира негативни чувства, несоодветно ја отсликува реалноста што дополнитенлно буди негативни чувствата и кај сите бранители, семејствата на загинатите бранители, граѓаните и нашите членови кои што ги претставуваме.
Поради тоа Ве информираме дека ќе поднесеме нова ИНИЦИЈАТИВА до Собранието на Македонија за градба на меморијален споменик на територија на Општина Куманово за сите бранители и паднати борци од осамостојување на Република Македонија до денеска кои што својот живот го дале за заштита на уставниот поредок на независна Македонија и нејзините граѓани.
Оваа иницијатива ќе биде поднесена од наша страна согласно Законот за меморијални споменици и спомен обележје Сл.весник на РМ бр. 66/04,89/08,152/15 до Собранието, член 5 став 2.
Сметаме дека загинатите бранители во независна Македонија заслужуваат соодветен третман од страна на државата и изградба на меморијален споменик токму на територија на Општина Куманово каде што се водеа голем број од борбените дејствија а воедно очекуваме оваа наша иницијатива да биде поддржана од останатите невладини организации, здруженија, синдикати, индивидуални лица, интелектуалци и целата општествена јавност во Македонија со цел еднаш засекогаш овие наши херои да бидат соодветно третирани и да добијат вистински меморијален споменик со кој ќе се одбележат нивните жртвувања за државата.

