МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

ССЕРИ: Незаконски е обидот од страна на АД ЕСМ да испрати работници на принуден одмор, со оглед на тоа дека работниот процес не е прекинат

Пишува: Бобан Илијевски

Преку испраќање на принуден одмор во траење од три месеци на работници чии работни места не се неопходни, како што велат, АД ЕСМ ќе започне да штеди за да се намалат трошоците во услови на енергетска криза. 

„Од тие причини, во тек е постапка на утврдување на работни места кои не се неопходни за производството на електрична енергија во одреден временски период. Извршителите на утврдените работни места ќе бидат упатени на принуден одмор не подолг од три месеци, согласно Законот за работни односи, со исплата на 70% од платата“, велат од АД ЕСМ. 

Во изјава за порталот Работник, членот на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на работниците од енергетика, рударство и индустрија – ССЕРИ, Жарко Краус вели дека раководството на АД ЕСМ се повикува на членот 112, став 10 од Законот за работните односи којшто вели: „Во случај на прекин на работниот процес од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му издаде решение и да му плати 70% од платата за период до три месеца во тековната година“. Краус вели дека овој член важи доколку има прекин на работниот процес, а не доколку процесот на производство работи. 

Во однос на тоа дали е можно оние работници коишто би биле испратени на принуден одмор да ги изгубат своите работни места, Краус смета дека се е можно, бидејќи во нашиот случај не можеме да кажеме што ќе биде утре. 

„Со оглед на историјата која ја имаме во нашата држава, секое работно место е доведено во прашање, поради ставот на ова раководство. Имајќи во предвид дека во нашата компанија работат надворешни фирми и подизведувачи со помошна механизација која е потребна во процесот на експлоатација на јаглен, грубо пресметано десетдневна работа на машина е сумата којашто ќе ја заштедат со ова бркање на работниците од работа“, вели Краус. 

Тој рече дека во овие моменти се обидуваат да постигнат поголемо производство, со оглед на енергетската криза во која се наоѓа Македонија, потенцирајќи дека за возврат како казна работниците се бркаат од работа и се оставаат со 70 % плата. Нивниот став како синдикат е дека ова е незаконски.

Тој објасни зошто постојано го користи терминот „бркање од работа“, велејќи дека секое одење надвор од работа, според синдикатот, е бркање од работа. 

„Вие имате кредити во една третина од платата. И ако имате кредити во една третина од платата и редовноста којашто ќе ја изгубите која е 10 % од учинокот, бидејќи 75 % од вработените се со над 25 годишен работен стаж. Нив редовноста им е 6 – 7,000 денари, па со тие 70 % нема да земат ни една третина од платата“, рече Краус. 

Тој додаде дека работниците кои би биле испратени на принуден би биле на минималец. 

Од АД ЕСМ истакнаа дека намалени или целосно запрени се и сите други трошоци, односно стопирани се спонзорствата, репрезентациите, службените патувања кои не се строго поврзани со производството на електрична енергија, сведена е на неопходниот минимум исплатата на прекувремени работни часови, додека законската дневница за патување се исплаќа во половина износ. Запрена е набавката на возила, освен возила потребни за производниот процес, додека употребата на патнички возила е целосно и строго рационализирана.