МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникот

Струмичките актери по средбата со министерката најавуваат протест, ако до понеделник не се најде решение за соодветен директор

   Време за читање 2 минути

Доколку до понеделник не се најде решение со кое на позицијата директор на културниот центар „Антон Панов“ ќе се овозможи поставување на соодветен кадар, струмичките актери се подготвени да продолжат со -протест. Тие денеска се сретнаа со Министерката за култура Ирена Стефоска токму поради изнаоѓање на решение за проблемот кој кај нив предизвика бурни реакции, а тоа е поставување на наставник по физичко за прв човек на оваа културна установа.

„Откако ги сослушав си дадовме време да го најдеме најдоброто решение во интерес на драмскиот ансамбл и Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. Им благодарам што со нивната гласност ми помагаат и мене и на сите културни работници во земјата, новиот Закон за култура кој е во процедура што побрзо да биде донесен, бидејќи во тој закон меѓу новитетите е и еден од условите за станување на раководител на институција, а тоа се високите стручни квалификации во областа. Согласно постојниот Закон формално- правната процедура е испочитувана од Комисијата во Министерството по што е направен изборот. Затоа новиот Закон треба што побрзо да се донесе“, посочи Министерката Стефоска по средбата.

Струмичките актери пак, истакнаа дека се надеваат дека ќе се надмине проблемот  и најсоодветен кандидат ќе биде избран на чело на институцијата, со што би се испочитувале и формално-правните процедури и општо моралните, етичките и еснафските барања.

„Нашата позиција е дека не отстапуваме од барањето да се оди во насока на отповикување на поставениот директор и раскинување на конкурсот со што би се дало можност и шанса да се пријават други посоодветни кандидати. Исто така ако до понеделник разговорите не одат во насока на нашата ултимативна цел да биде сменет поставениот директор ќе пристапиме кон порадикални мерки како непослушност и протести“, додаде актерот Стојан Велков.