НовостиПравдаСветот на работникот

Тренчевска: До крајот на јули ќе завршиме со 22 нови инспектори со што ќе биде засилен капацитетот на ДИТ

   Време за читање 3 минути

Бобан Илијевски

Изминатиот период, поточно од март минатата година, со започнувањето на пандемијата во Македонија, како Државен Инспекторат на труд – ДИТ бевме постојано на терен и вршевме интензивни инспекциски надзори, со оглед на тоа што ДИТ е единствена инспекциска служба којашто што има право да влезе во правните субјекти во државата, независно дали се работи за државни институции или приватни компании, рече директорката на ДИТ Јована Тренчевска на денешната панел дискусија „Предизвици на текстилната индустрија – пред и по кризата со Ковид – 19“ којашто беше организирана од Здружението за истражување и анализи – ЗМАИ, во соработка со Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“, а е поддржана од страна на Фондацијата „Отворено општество“.

Таа посочи дека ДИТ врши контроли во сферата на работните односи и безбедност и здравје при работа, а од ноември 2020 година добил нови надлежности, во делот на споредување и надзор над одредбите за имплементација од Законот за заштита на населението од заразни болести.

Истакна дека во 2020 година ДИТ извршил 32,116 надзори, а во периодот од март до декември се извршени 22,866 надзори, што според неа е бројка која покажува дека навистина инспекторите секојдневно беа на терен вршеа надзор на тоа колку и како се почитуваат правата на работниците од работен однос, како и сите оние мерки, уредби и одлуки коишто Владата ги носеше во ек на вонредна состојба.

Нагласи дека во 2020 година ДИТ има изречено 673 инспекциски мерки и издал 21 прекрошочен платен налог, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести.

„Во текстилната индустрија, во 2020 година извршени се 1,443 надзори и донесени се 173 инспекциски мерки и еден предлог за покренување на кривична пријава. Надзорите продолжија и во 2021 година. Во периодот од јануари до мај 2021 година, извршени се 700 надзори во текстилната индустрија затоа што и податоците со коишто располага ДИТ, покажуваат дека текстилниот сектор е ризичен каде што имаме прекршувања на правата од работен однос и безбедност и здравје при работа. Исто така 202 инспекциски мерки се донесени во петте месеци од годината и една прекршочна пријава“, рече Тренчевска.

Тренчевска рече дека се зајакнуваат и капацитетите на ДИТ, односно од јануари до сега имаат вработено 11 нови инспектори, а во моментот се активни 11 огласи, по што до крајот на јули месец ќе завршат со нови 22 нови инспектори од областа на работните односи и безбедност и здравје при работа.