Правда

Филипче: Моја обврска како министер е да направиме сè, за заштита на колективното здравје

   Време за читање 5 минути

Министерот за здравство, Венко Филипче на прес-конференцијата информираше за мерките кои се донесоа на вечерашната владина седница. Тој истакна дека анализите покажуваат дека во овој момент, има неколку локации низ земјата каде има брзо ширење на вирусот и кластери кои се настанати најчесто како резултат на непочитувањето на пропишаните мерки.

„Групирање на граѓаните на семејни собири и прослави, неносење на заштитна опрема, непочитување на мерките од страна на компании за превоз и организација на работата и други слични прекршувања, се главните причини за брзиот раст на новозаболени во Скопје, Кумановско-липковскиот регион, Тетово со околните општини,  Штип и околината. Добро е што во целиот останат дел од земјата состојбата е стабилна со спорадични случаи. Ова е само потврда дека стратегијата дала резултат онаму каде што се почитувале мерките“, изјави министерот Филипче.

На прес-конференцијата, министерот Филипче потенцираше дека заради спречување на дополнително ширење на вирусот во критичните региони, но пред сè заради спречување евентуално ширење на вирусот надвор од овие региони, Владата донесе одлука за враќање на полицискиот час и рестрикциите на движењето.

„Се воведува целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје (сите скопски општини), Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, почнувајќи од четврток (4-ти јуни) од 21:00 часот до понеделник (8-ми јуни) до 05:00 часот наутро. Во сите останати градови, се забранува движење на сите граѓани од четврток (4-ти јуни) од 21:00 часот до петок (5-ти јуни) до 05:00 часот наутро. Значи во останатите градови, во петок, сабота, недела забраната започнува од 16:00 часот и трае до следниот ден до 05:00 часот наутро. Петок (5-ти јуни) се прогласува за неработен ден за сите граѓани. Во периодот од четврток (4-ти јуни) од 21:00 часот до понеделник (8-ми јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен во случај на погреби“, рече министерот Филипче.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работни потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изготви соодветен план за непречена работа и на здравствените установи.

„Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗУ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено. Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени“, посочи Филипче.

Забраната за движење, не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.

Прошетката на милениците (кучињата) ќе биде во периодите од 08:00 до 08:30, 15:00 до 15:30 и 20:00 до 20:30 часот.

Министерот Филипче изјави дека овој нов бран е директна последица на непочитување на јасно пропишаните мерки, но и на задоцнетата или слаба активност за казнување од страна на надлежното министерство.

„Се надевам дека конечно и на последните скептици ќе им стане јасно дека вирусот не е шега. Вирусот нема да замине додека сите не прифатиме дека претставува закана за секој кој не ги почитува мерките за заштита од него. И после одржани речиси 100 прес-конференции и илјадници пати повторени апели и пораки, еден дел од граѓаните се уште одбиваат да ја прифатат реалноста. Да прифатат дека одговорноста е на секој поединец. Навистина не треба да дозволиме дури откако ќе се разболиме да ја разбереме опасноста од вирусот. Ние здравствените работници, владата, институциите не можеме да направиме ништо без граѓаните. Ова што сега го кажувам не е никаква политичка флоскула. Ова е реалност, само сите заедно можеме да ја надминеме кризата, никако поинаку. Одговорно тврдам, дека сите мерки, сите одлуки и сите пораки кои ги испративме во јавноста, беа прецизни, медицински издржани и навремени.

Стратегијата даде резултат, имавме одлични резултати и развој на состојбата како што посакувавме. Впрочем како што кажав, доказ за тоа се општините кои се целосно стабилни, а најдобар доказ за тоа е општина Дебар, каде со недели нема ниеден нов случај“, истакна министерот Филипче.

Извор: Влада