Хутите држат 19 вработени на ООН во Сана, организацијата бара нивно ослободување
Најмалку 19 службеници на Обединетите нации се притворени од страна на Хутите за време на дејствијата на јеменската група, поддржана од Иран, насочени кон канцелариите на ООН во главниот град Сана, изјави портпаролот на организацијата, Стефан Дујарик.
Осумнаесет од приведените се јеменски граѓани, додека еден е државјанин на друга земја. Дујарик апелираше за нивно безусловно ослободување.
Овие дејствија против канцелариите на агенциите на ООН за храна, здравје и деца во Сана, следеа по израелски воздушен напад во четвртокот, во кој беа убиени премиерот на владата на Хутите, Ахмед ар-Рахауи, и неколку министри.
Хутите се во конфликт со меѓународно признатата влада на Јемен, која е поддржана од коалиција предводена од Саудиска Арабија, уште од 2014 година, кога ја зазедоа контролата врз Сана и поголемиот дел од северен Јемен. Хутите, познати и како Ансар Алах, се шиитска политичка и воена организација која се формираше во Јемен во текот на 1990-тите.
Под раководство на верскиот лидер Хусеин ел-Хути, Хутитското движење се разви како опозициска сила на тогашниот јеменски претседател Али Абдула Салех. Во 2003 година, под влијание на либанската шиитска политичка и воена организација Хезболах, Хутите го прифатија својот официјален слоган: “Бог е голем, Смрт на Америка, Смрт на Израел, Клетва на Евреите, Победа на исламот”.
Откако пружи отпор на наредбата на Салех за негово апсење, Хути беше ликвидиран од јеменската армија во Саада во 2004 година, што доведе до почеток на бунт. Оттогаш, со исклучок на краток период, движењето е предводено од неговиот брат Абдул-Малик ел-Хути.
Надежите за мировни разговори се намалија по нападот на „Хамас“ во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, кој предизвика израелска воена операција во Газа.
Хутите започнаа со напади врз бродови во Црвеното Море, изразувајќи ја својата поддршка за Палестинците во Газа, што предизвика одмазднички напади од страна на САД и Израел во областите под контрола на бунтовниците.
Специјалниот пратеник на ООН, Ханс Грундберг, за време на посетата на Маскат, Оман, се сретна со главниот преговарач на Хутите, Мохамед Абделсалам. Дујарик истакна дека Грундберг го осудил задржувањето на вработените и насилниот упад во канцелариите на ООН, предупредувајќи дека овие акции сериозно ја загрозуваат способноста на организацијата да испорачува хуманитарна помош во Јемен.

