Чини им добро, за да на крајот испаднеш крив
Бобан Илијевски
Навистина се чудам на размислувањето на некои луѓе, како на пример оние коишто вчера протестираа против мерките за невакцинираните и патем докторите ги нарекоа „убијци“ а новинарите „платеници“. Ваквите извици несомнено покажуваат колку оваа толпа народ е „благодарна“ на здравствените работници кои се борат веќе година ипол на првата линија на фронтот, за да спасат што е можно повеќе луѓе од коронавирусот, а од друга страна новинарите и медиумските работници, секојдневно влегуваа во ковид центрите за да ја пренесат реалната слика за тоа што се случува таму, притоа ризикувајќи си го сопственото здравје. Голем дел од здравствените работниците, но и од моите колеги – новинарите и медиумските работници, поминаа доста време во изолација не можејќи да бидат заедно со своите најблиски во најтешките времињата. И на крај, за целиот вложен труд, но и ризик, добиваат вакво „благодарам“.
Пред да продолжам понатаму, би сакал да расчистам нешто – преку ова мое писание не сакам да се правам жртва или нешто слично. Јас не покривав теми поврзани со Ковид – 19 и не бев изложен на ризик, но сакам, преку овој текст да им дадам поддршка, пред се на моите колеги кои секојдневно ја покриваа и се уште ја покриваат оваа проблематика, притоа многу од нив се и без здравствено осигурување и немаат редовни плати, како и на сите останати коишто се на првата линија на фронтот.
Реално, премногу малку во јавниот простор се зборува за проблемите со коишто се соочуваат новинарите и медиумските работници, и тоа најмногу од социо – економски аспект. Имено, анкетата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници од 2020 година во однос на платите покажува дека само 35 % од медиумските работници имаат плата од 15 до 20 илјади денари, што е далеку под просечната. Згора на тоа, на многу од нив не им се исплаќа ни прекувремена работа и работат непријавени – немаат здравствено осигурување.
Да беа сите новинари „платеници“, како што се скандираше на вчерашниот протест, немаше да имаат проблем да ги подмират режиските трошоци и немаше да се грижат ако им доцни платата.
Немам ништо против ни вакцинираните, ни невакцинираните. Верувам во право на сопствен избор. Секој може да прави што сака. Сосема друга тема е какви се последиците на нашите одлуки – не би сакал сега да ја отворам, бидејќи ќе треба многу да филозофирам, а не ми е тоа целта.
Заклучок: После сето она што се случи вчера, ние не заслужуваме доктори, ниту новинари и медиумски работници.

