Шабани: образовните реформи значат исчекор кон постигнување на родова еднаквост
Кога зборуваме за родовата еднаквост, како држава треба да бидеме горди затоа што според извештајот на УНЕСКО за 2020 година, Република Северна Македонија со 53% на жени истражувачи е лидер во Европа според индикаторот: жени истражувачи како процент од вкупниот број на истражувачи во државата.
Ова го истакна заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани за време на денешното учество на онлајн работилница насловена „Развој на план за родова еднаквост: Исполнување на барањата на програмата Хоризонт Европа“ на која учествуваат 80 научници и истражувачи од 10тина земји.
„Министерството за образование и наука континуирано ги поддржува сите активности кои го стимулираат вклучувањето на жените и девојките во образованието, науката, технологијата и иновациите. Затоа ние сме среќни што во делот на Политики за родова еднаквост, особено во науката, според статистиките на УНЕСКО контираме високо на ранг листите“, рече Шабани.
Заменик министерот додаде дека државата во моментов поминува низ процес на реформи во образовниот систем со цел младите генерации да се оспособуваат со подобри дигитални, претприемачки, животни и т.н. зелени компетенции. Нагласи и дека промените предвидуваат интензивно интегрирање на прашањето за родова еднаквост во сите сегменти и нивоа на воспитно образовниот процес.
Работилницата посветена на прашањето за родова еднаквост се реализираше во рамки на Хоризонт 2020 проект: „Воведување на одговорно истражување и иновации во земјите од Западен Балкан“, во чиј проектен конзорциум од македонска страна учествуваат Македонската академија на науки и уметности и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење.

