Шаќири – Серафимовски: со координиран пристап до поквалитетно високо образование и повеќе можности за научно – истражувачки проекти
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претседателот на Националниот совет за високо образование и научно – истражувачка дејност проф. д-р Тодор Серафимовски во рамки на редовната комуникација и координација, денес остварија нова работна средба на која се зборуваше за тековните активности кои двете институции ги преземаат за унапредување на квалитетот на високообразовната и научно – истражувачката дејност.
Двајцата соговорници истакнаа дека инклузивниот пристап е единствена и најдобра опција за обезбедување на континуитет на процесот за унапредување на академската едукација која им се нуди на граѓаните од страна на високообразовните установи во земјата и за проширување на можностите за истражување и научни проекти.
На средбата од страна на министерот, беше потпишан и новиот Правилник за стандардите и постапката за надворешна евалуација и самоевалуација кој на предлог на Националниот совет, го усвојува МОН.
„Ценам дека со овој нов правилник, постапките за надворешна евалуација и самоевалуација ќе даваат пообјективни резултати кои се од голема важност за креирање на идните чекори кои и ние како институции и самите високообразовни установи, имајќи ја предвид нивната автономија од сите аспекти, ќе треба да ги преземаме за да ја издигнеме конкурентноста на високообразовниот систем на повисоко скалило“, рече министерот Шаќири.

