ПравдаСветот на работникот

Јанковиќ: До кога ќе имаме вработувања по националност наместо по квалификации?

Фејсбук статус на Јовица Јанковиќ, младински политички аналитичар:
 
Вработување по националност наместо квалификации?
До кога ќе имаме вработувања по линија на националност наместо по тоа какви се способностите на луѓето? Додека светот оди напред и се модернизира, Словенија испраќа свои сателити, Србија започна со производство на вакцини, други смислуваат нов тип вакцини, а ние се уште силно дискутираме која националност да добие какво работно место. Пред кратко време се објави веста дека одредени граѓани кај нас кои сакале да се вработат во државна администрација се охрабриле да „сменат“ националност колку да се стекнат со тоа определено работно место. Навистина е чудно кога човек ќе помисли дека сме во 21 век, а се уште се соочуваме со ваков чуден тип на прашања. Не е првпат ова да се случи, и нема да е последен пат, се додека постои овој начин на функционирање (читај нефункционирање). Ако Ве интересира која е причината за ова декларирање на различна националност, слободно обратете се кон било која државна институција која има пуштено оглас за вработување.
Прво пишува какви квалификации треба да ги поседува секој кандидат за тоа работно место, одговорностите за тоа работно место и на крај пишува која националност треба да си за да можеш да конкурираш!? Вработувањата по рамковниот договор повеќе немаат смисла, повеќе не нудат никаква заштита кон малцинството туку само се користи за злоупотреба. Сфаќам дека овие прописи се определени во рамковниот договор со цел да се заштитат малцинствата од дискриминација насекаде и особено во државните институции, но веќе одамна овој дел од договорот премина во дискриминација на кандидатите кои конкурираат за работа во државните органи и единствено служи за злоупотреба и манипулација. Се додека ова се случува, мене ме интересира едно нешто: Се додека вработениот е навистина способен за истото тоа работно место, дали навистина ми е гајле која националност е тој/таа? Кога ми е потребен мајстор, јас не одбирам по националност, туку по квалитетот на услугата. Кога седам во ресторан, мене воопшто не ми е гајле дали тој кој ми ја подготвува храната е Македонец, Ром, Србин, Албанец или што било, туку само сакам да уживам во храната! Епа истата брза математика можеме да ја користиме тука, мене лично не ме интересира дали има тој 30 години, дали има ајфон или самсунг, за кој гласа на избори, туку само да се заврши таа услуга која мене ми е потребна во тој момент. Лесно и едноставно.
Второ, има една дупка во овој систем. За да бидеш вработен треба да си граѓанин на Македонија, со македонско државјанство. Тогаш која е потребата тој да биде Албанец или Ром, кога сите сме Македонци? Во Македонија имаме директори, министри, доктори, шефови, сопствени бизнисмени, обични работници и секакви со каква било националност – но сите сме со македонско државјанство и живееме на територијата на Македонија, тогаш зошто да не се чувствуваме сите како Македонци? Се додека постоиме со поделбата на „наши и ваши“, тогаш навистина се џабе тие пароли кои секогаш се спомнуваат по телевизиските дебати, и особено кај политичарите. Да повториме – да си одредена националност не значи дека си способен за која било работа, туку твоите квалификации и искуство означуваат дали е некој соодветен за тоа работно место, и не може да има компромис по ова прашање!
Македонија е држава која веќе одамна промовира мултиетничко општество, но дали навистина го практикува? Со вакви прописи сигурно не! Како што оди напред општеството, комплементарно треба и законите да се надградуваат, правилата, принципите да се модернизираат. Постојат Македонци кои се „чувствуваат како Албанци“ и Албанци кои се „чувствуваат како Македонци“ во земјава, а во тој случај јас барам некој кој не чувствува ништо и само може да си ја врши работата. Фала многу!
 

Вработување по националност наместо квалификации?

До кога ќе имаме вработувања по линија на националност наместо…

Posted by Јовица Јанковиќ – Jovica Jankovikj on Thursday, April 22, 2021