Јовевски: Веселата статистика од бројки не го храни народот и не го менува амбиентот во земјава…
Весела статистика на невработеноста
Интересно е како излегуваат пакети податоци од т.н. „попис“ (кој се изврши така како што се изврши) и покажуваат бројки кои немаат допир со реалноста, пишува Проф. Д-р. Лазар Јовевски во негвоиот фејсбук статус насловен како: „Весела статистика на невработеноста“.
Губењето на работните места и невработеноста во време на ковид пандемијата ја следев и јавно ги споделував податоците со кои јас располагав, кои и самиот ги собирав и предупредував на сценарија кои ќе доведат до пораст на невработеноста, нудев решенија, посочував што може да се направи за да се избегнат поцрни сценарија… Но состојбата е таква каква што е, а бројките повторно само весела статистика која не е слика на вистинските состојби.Имено, според Агенцијата за вработување, бројот на невработени во јануари 2021 година изнесувал 158.681, а само еден месец подоцна во месец февруари се има зголемено за 927 лица и изнесувал 159.608 невработени. Губењето работни места како последица на економските проблеми кои ги создаде несоодветното управување со кризата ги засегна и вработените во т.н. сива економија и за нив немаме официјална статистика. Но за илустрација, на пример, во еден ден беа изгубени околу 60 000 работни места кога се затворија угостителските објекти поради мерки за спречување на ширењето на вирусот.Не треба да си некој математичар за да согледаш дека овие бројки и околности покажуваат тренд кој не е на линија на податоците кои ги објавија од пописот, односно „Вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе изнесува 1 525 366 лица, од кои 717 769 лица се дел од активното население, односно 608 520 лица се вработени, а 109 249 лица се невработени.“Или, согледано од аспект на креирање работни места, ова би значело дека за една година во земјава биле креирани околу 60 000 работни места- што не е точно и според официјални и според неофицијални статистики.Весела статистика од бројки не го храни народот. Не ја менува перцепцијата. Не го променува амбиентот во земјава која од вчера има енормно покачени цени на основните трошоци за живот, а нема животен стандард кој е во чекор со инфлацијата, пишува Јовевски.

