Јовевски: Кога ќе престане помошта, веројатно работниците ќе останат без работа
На вечерашното гостување во емисијата 24 Анализа на телевизија 24 укажав на следното:
– 2021 год ќе биде повторно предизвик да се сочуваат работните места (за потсетување минатата година беа изгубени околу 55 000 работни места);
– Потребно е да се фокусираме на превентивен модел на мерки за сочувување на работните места што подразбира помошта да се насочи кон компаниите. Досегашните мерки имаа мешан-хибриден аспект со тенденција на санација на проблемот и повеќе се дел од социјална политика, па затоа не ги дадоа очекуваните резултати. На пазарот на труд се случува едно тектонско поместување кое сè уште не се гледа, односно е како санта мраз, на површина е мал дел, но под водата не знаеме што се случува. Голем дел од компаниите ги сочувуваат работните места само затоа што добиваат финансиска помош за плати, но не се ликвидни. Кога ќе престане помошта веројатно и самите компании ќе стават клуч на врата, односно работниците ќе останат без работа. Компаниите немаат работа, немаат пазар, немаат репроматеријали, суровини, што значи не можат за ги сервисираат работните места.
– 2021 година е година на пресврт. Мораме сите заедно, експерти, власт, опозиција, социјални партнери и други да работиме за одржливост на работните места. Треба да одиме во чекор со трендот на дигитализација на работните места, тренд кој забрзано се случува, така што на овој аспект на развој на трудот треба државата сериозно да работи.


